Кошаркарките на Бадел до голема победа над Партизан во регионалната лига
Македонскиот женски кошаркарски клуб Бадел 1862 стигна до втората победа во регионалното натпреварување. По голема борба, на гостински терен, во салата „Ранко Жеравица“ во Белград (Србија), го победија Партизан 1953 со конечен резултат 70:73.
Ивана Кметовска беше една од најзаслужните за големиот триумф на „баделки“, репрезентативното крило одигра неверојатен меч со феноменален дабл-дабл ефект од 31 поен и 14 скока, или 39 индексни поени.
Го погоди и слободното фрлање по кое на четири секунди пред крајот му донесе на својот тим позитива од три поени, која Глигиќ не успеа да ја стигне, за големо славење на девојките во „сино-жолта“ комбинација.
Претходно, во првото полувреме двата ривали си „поделија“ по една четвртина. Во онаа првата, Партизан поведе со убедливи (26:14). Но, Бадел 1862 врати во втората во која направи предност од (21:9), доволно за нерешени (35:35) на полувремето.
„Баделки “ беа подобри и во третиот период, во кој остварија позитива од три поени (52:49), која на крајот се покажа и како доволна за втор триумф во ова натптреварување. Повторно на гостински терен, по триумфот против Бановичи.
Нена Трајчевска реализираше 13 поени, Цветанка Димова 12 поени и седум скока во триумфот на Бадел 1862 кој следниот меч во регионалната лига ќе го одигра на 3 ноември 2021 година дома против бугарската Монтана 2003.