Марта Кос, комесарка за проширување на ЕУ/Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Кос: Ниту една земја кандидат за членство во ЕУ досега не добила гаранции дека нема да се појави друг спор за време на преговорите

Досега нема случај на давање гаранции на земја кандидат за членство во ЕУ дека нема да се појави друг спор за време на пристапниот процес до ратификацијата на договорот за пристапување, вели во интервју за државната агенција МИА, еврокомесарката за проширување и соседска политика Марта Кос која утре ќе допатува во Скопје на средба со премиерот Христијан Мицкоски.

– Вистината е дека ниедна земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè до моментот кога последната земја-членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност – нагласува Кос.

Имено, премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати досега го повторува својот цврст став дека нема да се помрдне од мртва точка во однос на спорот со Бугарија и внесувањето на Бугарите во Уставот, додека не добие гаранции од Европската Унија дека ова ќе биде последно барање на источниот сосед.

Според Кос, Македонија покажала силни перформанси во рамките на Реформската агенда и како што посочува, додаѓа во Скопје за да ја охрабри Владата да го стори истото и во пристапните преговори.

– Северна Македонија покажа дека може да испорача резултати кога има политичка волја. Ова јасно го гледаме во нејзините силни перформанси во рамките на Реформската агенда. Ќе дојдам во Скопјe за да ја охрабрам Владата да го стори истото во преговорите за пристапување. Сега имаме можност, што се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето. Ова доаѓа со јасни избори. Оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат. Ова го гледаме најјасно во Црна Гора и Албанија. Оние што не ги исполнуваат своите обврски, заостануваат. Во моменти на забрзување, застојот значи фактичко назадување – вели еврокомесарката Кос на прашањето дали има предви нова иницијатива за деблокада на македонската евроинтеграција.

Според неа, напредокот во преговорите за пристапување бара клучен елемент: доверба меѓу земјите кандидати и земјите членки.

-Според моето искуство, таквата доверба првенствено се гради врз два елемента: исполнување на обврските и ставот на земјите кандидати кон ЕУ и нејзините земји членки. Ова започнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден. Убедена сум дека ова би било случај и за Северна Македонија – нагласува Кос.

Коментирајќи го германско-францускиот нон-пејпер кој промовира постепена интеграција на Западен Балкан во ЕУ пред полноправно членство, таа вели дека процесот на пристапување бара време, но, оти во денешниот свет, Европската Унија не може да си дозволи да чека предолго.

-По летото, Комисијата има намера да предложи нови начини на земјите членки да ги доближат земјите кандидатки до ЕУ пред пристапувањето. Но, има една важна точка. Ова ќе бара напредок во преговорите за пристапување. Ова останува приоритет. Без таков напредок, понатамошната постепена интеграција ќе биде ограничена – подвлекува еврокомесарката.

Комесарката за проширување Кос, ќе пристигне утре во Скопје да разговара за патот на земјата кон ЕУ и напорите за реформи, со фокус на спроведувањето на Агендата за реформи во рамките на Планот за раст за Западен Балкан. До денес, Македонија доби 142,1 милиони евра во рамките на Инструментот за реформи и раст по напредокот во спроведувањето на клучните реформи.

За време на нејзината посета на земјава, комесарката Кос ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали. Нивните дискусии, се посочува, ќе се фокусираат на напредокот во спроведувањето на Агендата за реформи, приоритетите за постепена интеграција во ЕУ и пошироките случувања поврзани со патот на земјата кон ЕУ. Како што наведуваат од Кабинетот на еврокомесарката, предвидено е Кос и премиерот Мицкоски да одржат заедничка прес-конференција. Таа ќе се сретне и со претседателот на Собранието Африм Гаши за да разговараат за важноста на конструктивниот политички дијалог и широката меѓупартиска поддршка за реформите поврзани со ЕУ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот