Корона криза: Најмали плати добиле угостителите, најголеми програмерите

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Просечната априлска плата се намали за 592 денари во однос на мартовската. Корона-кризата го зеде својот данок со 2,2 проценти помали плати во април, отколку во март. Но, кризата веќе се разгоре во март, кога на 11-ти, Светската здравствена организација прогласи глобална пандемија, по што во Македонија целосно се затворија моловите, освен за аптеки и супермаркети, престанаа да работат кафулињата, набргу се затворија државните граници, а уште претходно престанаа да работат градинките, училиштата и факултетите. Така, вкупниот данок во плата од короната, во март и во април изнесува 1.376 денари. Односно, просечната априлска плата била 25.830 денари, а во февруари  изнесувала 27.206 денари.

Најголеми плати, што веќе е вообичаено за статистичкиот преглед, има во секторот „Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“ каде што априлскиот просек изнесувал 62.818 , но е за 0,6 проценти помалку отколку во март.

Што се случи во трите најпогодени сектори?

Најниска просечна плата имаат угостителите, односно вработените во сите компании што според статистика се водат во „Дејности за подготовка на оброци и служење храна“. Таму просечната плата во април изнесувала 14.471 денари и е за 11,1 помала отколку во март, или ако се спореди со ланскиот април, падот е 8,7 проценти. Сепак, упатените велат дека во овој сектор приходите на вработените се значително помали од реално прикажаните, затоа што сѐ уште има многу сива економија – плаќање дневници надвор од пријавеното, како и добивање напојници, што сега не се слеале во џебот на вработените.

Втор сектор што е целосно погоден од пандемијата е туристичката дејност и во овој сектор просечната плата во април била 15.102 денари, што е за 19,5 отсто помалку отколку во март.

Со посебни мерки, уште во првиот сет, државата покрај туризмот и угостителството го опфати и транспортот. Транспортните компании исплатиле просечна плата од 20.436 денари, што е за  3,2 проценти помалку отколку во март.

Најголемо кастрење во „Производство на моторни возила и приколки“

Сепак, најголемо кастрење немало во овие три сектори, туку во секторот што статистички се води како „Производство на моторни возила, приколки и полуприколки“, кој во изминатиов период особено растеше поради зголеменото производство на белгиската компанија за производство на автобуси „Ван Хол“. Но, покрај оваа компанија, во оваа статистичка групација спаѓаат и други помали компании што произведуваат приколки за возила. Во оваа статистичка групација во април просечната плата била 17.895 денари и бележи најголемо намалување во однос на мартовскиот просек од 22,5 проценти.

Поголем пад има и во секторот телекомуникации каде што просечната плата сѐ уште е на завидно ниво од 40.687 денари, но е помала од мартовската за 17,1 проценти.

Конфекциите со помали плати за 2,5 отсто

Од другите дејности, во периодот на корона-кризата особено се зборуваше за текстилната индустрија. Во конфекциите што произведуваат облека просечната априлска плата е 16.241 денари, што е за 2,5 проценти помалку отколку во март, но за 6,5 проценти повеќе во однос на ланскиот април, што е за очекување, со оглед на тоа што од декември минатата година минималната плата е зголемена за 2.000 денари.

Намалување на платите има и во трговија на мало за 3,7 проценти и просечната плата е 20.832 денари. Веројатно намалување на платите нема во продавниците за храна, туку напротив, според наши сознанија во некои синџири на маркети, газдите скромно ги наградиле вработените. Намалувањето на платите во овој сектор е резултат на затворањето на моловите и немањето промет, особено во продавници за облека и за чевли.

Има и зголемени плати

Со зголемени плати, и покрај кризата, може да се пофалат вработените во статистичкиот сектор „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа“, каде што априлската просечна плата е зголемена за 1,7 проценти и изнесува 40.547, како и во „Снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад“ каде што просекот се зголеми за 1,2 проценти и просечната плата достигнала 22.089 денари.

Во образованието просечната плата останала иста, односно 27.000 денари, а во здравството просечната плата е 33.464 денари и е зголемена за 0,9 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот