Мобилна апликација за состанување - Тиндер / Фото: Pexels

Корисниците на Тиндер загрижени: Новата функција бара целосен пристап до вашите фотографии и до најинтимните моменти

Новата функција на апликацијата Тиндер предизвика бурни реакции, бидејќи овозможува пристап до фотографиите од телефонот преку вештачка интелигенција која избира слики за профилот, пишува „Њујорк пост“.

Наоѓањето партнер на овој начин може да стане полесно – или, според критичарите, значително понепријатно.

Станува збор за опцијата „Камера рол скен“, која со дозвола од корисникот ја анализира целата галерија на фотографии на телефонот, со цел подобро да го „разбере“ стилот и личноста и да предложи потенцијални совпаѓања.

Оваа новина предизвика загриженост кај дел од јавноста. Критичарите предупредуваат дека може да се работи за уште еден начин за собирање лични податоци, претставен како модерен алат за запознавање.

Функцијата е најнов пример за технологија која, според скептиците, сè повеќе навлегува во приватноста и го прави секојдневниот живот поавтоматизиран, но и помалку автентичен.

На социјалните мрежи се појавија бројни негативни реакции. Еден корисник напиша дека апликацијата практично создава алатка за следење, претставена како тест на личноста, додавајќи дека фотографиите во галеријата се меѓу најприватните податоци на телефонот, а „анализа на впечаток“ е само поубав назив за користење лични фотографии за тренирање алгоритам.

Некои отидоа и чекор подалеку, тврдејќи дека корисниците несвесно не бараат љубов, туку придонесуваат за развој на системи за препораки преку споделување на своите најлични фотографии.

Од компанијата тврдат дека функцијата не е наменета за нарушување на приватноста и дека целата галерија не се пренесува на нивните сервери. Според нив, се анализира само избран примерок од фотографии кој привремено се обработува.

„Описите на фотографии се кратки информации за вашите интереси, личност и начин на живот, кои се создаваат преку анализа на содржината на галеријата. Кога ќе ја вклучите оваа опција, ги анализираме фотографиите за да препознаеме клучни теми што помагаат во персонализација и подобро поврзување со други корисници“, наведуваат од компанијата.

Откако корисникот ќе даде дозвола, вештачката интелигенција ги анализира квалитетот и содржината на фотографиите. Избраните слики привремено се обработуваат, по што апликацијата предлага кои од нив најдобро го претставуваат корисникот.

Сепак, конечната одлука останува кај корисникот – ниту една фотографија нема да биде објавена без негова согласност.

Од компанијата додаваат дека не се собираат ниту се чуваат биометриски податоци од фотографии, туку сè се обработува на самиот уред и се брише по користењето на функцијата.

И покрај овие објаснувања, многу корисници остануваат скептични. Дел од нив предупредуваат дека галеријата содржи исклучително приватни содржини и дека таквите податоци не треба да се споделуваат, особено поради стравот дека би можеле да бидат злоупотребени во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот