Оливер Белопета, директор на Скопскиот џез-фестивал / Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески

Континуитет со актуелни музичари и ексклузивни концерти носи 44-то издание на Скопскиот џез-фестивал

Грижливо и прецизно конципираната програма на 44. Скопски џез-фестивал на 8 октомври беше презентирана на прес-конференција во „Аудиокултура“, каде што Оливер Белопета ги посочи клучните карактеристики во концептот и на програмата и на фестивалот.

Високото реноме што Скопскиот џез-фестивал го има во светски рамки и оваа година ќе биде потврдено преку селектираната концертна програма, посветеноста на актуелните музички случувања, презентацијата на современата џез-музика и високиот квалитет на целокупниот дизајн на фестивалот.

Во своето 44-то издание фестивалот ќе се одржи од 16 до 19 октомври, а покрај официјалната концертна програма ќе биде проследен и со дополнителни активности во кои се вклучени филмски проекции на музички документарци, промоција на винилно издание, доделување награда за најдобар џез-музичар, како и одржување на работилницата насловена „Џез за деца“ во соработка со „Јуроп хаус Скопје“.

Сите дилеми околу фокусот и концептот на програмата на прес-конференција во „Аудиокултура“ ги разјасни Оливер Белопета, директор на Скопскиот џез-фестивал.

– Нема фокус, туку станува збор за продолжување на концептот што програмски е генерално свртен кон современиот џез, како втора карактеристика е актуелноста, што значи дека сите учесници на фестивалот во текот на оваа или претходната година имале нови остварувања што оставиле силен белег на сцената, а тоа потврдува дека изборот не е случаен. Трета карактеристика на концептот е ексклузивноста. Основната цел на фестивалот е да ја задржи репутацијата што ја има во Европа и во светот. Скопскиот џез-фестивал во светот има култен статус, што за нас не значи пари, туку огромно лично задоволство. На годишната конференција на Европската џез-мрежа директорите на други џез-фестивали веднаш го забележаа квалитетот на програмата и дизајнот на скопскиот фестивал. Тоа значи дека успешната приказна од изминатите години, но и на целата историја на фестивалот треба да продолжи со сите елементи што ја карактеризираа досега. Секако, клучно за фестивалот е изборот токму на оваа програма што ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет во Скопје – истакна Оливер Белопета на прес-конференцијата во „Аудиокултура“.

Марк Рибо / Фотографија: Eric van den Brulle

Во програмата доминираат американски музичари. Така, во една вечер се две многу посакувани имиња на џезот, легендарниот гитарист Марк Рибо и Кахил Ел Забар. На финалната вечер, пак, не случајно, ќе се најдат Вадада Лио Смит, недвојбено денес најголемиот жив американски џез-музичар, и Џејмс Брендон Луис, неодамна прогласен за музичар и тенор саксофонист на годината.

Возбудлива ќе биде и европската вечер, со последното ремек-дело на Горан Кајфеш Тропик и квартетот на Јан Банг и Арве Хенриксен, со специјалниот проект што пред две години со голем оркестар беше за првпат изведен токму во Скопје, а сега издаден и на плоча.

Вадада Лио Смит и Силви Курвоазје дуо

Конечно, на отворањето, по плејадата најдобри светски оркестри, своја „шанса“ на фестивалот добива и нашиот Национален џез-оркестар, збогатен со двајца специјални гости, Зиги Фајгл и Луис Бониља. Претходно, истата вечер на отворањето на фестивалот, ќе настапи еден од најдобрите полски пијанисти, композитор и аранжер, Анджеј Јагоѓински, кој ќе свири дела од Бах и од Шопен. Тој во Скопје ќе настапи со своето трио во чиј состав се Адам Цегелски на контрабас и Чеслав Бартковски на тапани.

Џејмс Брендон Луис / Фотографија: Julien Vonier

Во рамките на филмската програма ексклузивно ќе бидат прикажани два документарни филма. На 15 октомври, во 20 часот, во Кино „Фросина“ во МКЦ ќе биде прикажан документарецот „We Want to Funk“, кој ја истражува симбиотската врска меѓу експлозијата на фанк-музиката од Средниот Запад на Америка и расно-политичките динамики на САД во социјално запоставените градски средини во 70-тите години на минатиот век. Срцето на филмот се личните приказни, спомените и искуствата на оние што го создадоа и го дефинираа фанкот. Меѓу нив и Џорџ Клинтон.

На 18 октомври, исто така во „Фросина“, во 17 часот, ќе биде прикажана просветлувачка биографија на поетот, египтолог, космолог, историчар, активист, бенд-лидер, музичар и џез-пионер Сан Ра. Филмот грациозно ги балансира сеќавањата на, сè уште, воодушевените музичари и танчери од неговиот „Arkestra“, историчарите, критичарите… сите восхитени следбеници, и размислувањата на самиот Сан Ра.

Дизајнот на плакатот е на Ѓорѓе Јовановиќ

Дизајнот на плакатот за 44. Скопски џез-фестивал е на современиот визуелен уметник Ѓорѓе Јовановиќ, а дизајнот на каталогот и на промотивните материјали е на Небојша Гелевски – Бане. Наградата за најдобар македонски џез-музичар ќе ја добие пијанистот Гордан Спасовски, а ќе му биде врачена на 16 октомври, пред почетокот на концертот на Националниот џез-оркестар со специјалните гости Зиги Фајгл и Луис Бониља во Националната опера и балет.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 302, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-12.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот