Коњите се миленици, а не храна: Италија наскоро би можела да ја забрани употребата на нивното месо
Италија би наскоро можела да ја забрани употребата на коњско месо, како дел од законски предлог со кој коњите, магарињата и мазгите би биле дефинирани како домашни миленици, а нивното колење би станало кривично дело.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Предлог-законот го подготви политичарката Микела Виторија Брамбила од партијата Ние, умерените, која е дел од владејачката коалиција. Иницијативата, според извештаите, добива поддршка и од дел од опозициските партии.
Доколку биде усвоен, законот предвидува затворски казни до три години и парични казни до 100.000 евра за колење копитари. Воедно, се предлага задолжително микрочипирање на овие животни и воспоставување национален систем за следење, како и фонд од шест милиони евра за да им се помогне на одгледувачите да го прилагодат своето работење.
„Во 21 век сме, а коњите сè уште се експлоатираат на различни начини“, изјави Брамбила, која е и претседателка на здружението за заштита на животни Leide. Таа оцени дека станува збор за „исклучителна можност за културна промена што веќе ѝ е блиска на срцето на мнозинството Италијанци“.
Сепак, предлогот отвори дебата во земјата. Коњското месо традиционално е дел од италијанската кујна, особено во регионите Апулија, Кампанија, Сицилија, Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања. Иако потрошувачката значително опаднала во последната деценија, Италија и натаму е меѓу најголемите увозници и потрошувачи на коњско месо во Европа.
Поранешниот министер за земјоделство Џан Марко Чентинајо од партијата Лига, која исто така е дел од владејачката коалиција, предупреди дека забраната би значела „бришење дел од историјата на италијанската кујна“, која во декември беше впишана на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.
Тој додаде дека станува збор и за прашање на идентитет на одредени региони, нагласувајќи дека ваквата мерка би можела да има културни и економски последици.
Дебатата околу овој предлог-закон ја отвора пошироката дилема: дали традицијата треба да отстапи пред современите стандарди за заштита на животните, или пак станува збор за чувствителна граница меѓу културното наследство и етичките норми на новото време.


