Зоолошка градина битола / фото: Петар Николовски / Google Maps

Коњановски ќе гради живеалишта за копитари и влекачи во Битола

Општина Битола во 2026 и 2027 ќе даде 355.000 евра од парите доделени од унгарскиот кредит од Владата за да изгради терариум наменет за змии и други влечуги, како и за живеалиште за копитари во Зоолошката градина во градот, јавува „СДК.мк“.

Во измените и дополнувањата на Програмата за развојни планови што ги донесе општинскиот Совет, за 2026 и 2027 година предвидено е за терариум да се дадат вкупно 169.000 евра, а за живеалиштето за копитари 185.000 евра. Само годинава, изградбата на овие објекти ќе чини над 205.000 евра.

За парите што ќе се потрошат бурно се дискутираше и на седницата на Советот минатата недела. Советничката на СДСМ Софија Ристевска-Петрушева рече дека во услови кога луѓе се трујат во најголемиот електроенергетски гигант во змејава, РЕК „Битола“, улиците се со дупки, а депонии има наоколу, Општина Битола троши огромни пари за терариуми и копитари.

„Ова ми лици на анегдотата со Марија Антоанета, француската кралица која живеела во дворец во Париз. Кога ѝ кажале дека луѓето немаат леб, таа одговорила ‘нека јадат колачиња’. Се прашувам кој ќе има профит од овие живеалишта за копитари и змии? И ако имате можност да ја подобрите (Зоолошката градина, н.з.) зошто не набавивте слон или жирафа“, рече Ристевска-Петрушева.

Зоолошката градина во Битола постои 76 години и во изминатиот период честопати имаше најави дека постои опасност од затворање поради условите за престој на животните. Нема доволно кадар и дури сега се најавени 12 вработувања. Коњановски најави дека денеска се очекува да пристигнат и нови жители – мајмуни патас, лемури и коати од Зоолошката градина во Скопје, а до мај како подарок од Зоолошката градина во Белград и бизон, антилопи, коати, свет ибис и сервал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот