Концертот „Матеј и пријателите“ ќе се одржи во КИЦ-Скопје

Концертот на класична музика „Матеј и пријателите“ (Matej & friends), на кој ќе настапат двајцата тенори Шинаси Рамадан и Исмет Вејсели во пијано придружба на Матеј Никољски, на 27 јули, со почеток во 19 часот, ќе се одржи во Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје.

Проектот е создаден како резултат на љубовта кон класичната музика, особено кон операта, и големото задоволство на пријателите заедно да музицираат. Станува збор за извонредни млади оперски пејачи придружувани од музичкиот соработник Матеј Никољски.

Шинаси Рамадан завршува студии на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на светски познатата сопранистка проф. д-р Ана Дурловски. Тој има настапувано на многу концерти, а најзначајниот е гала концертот „Коста Трпков“ со учество на студентите од државните музички универзитети во Република Македонија, каде добил позитивна критика за неговиот настап. Сега e дипломиран соло пеач и продолжува да импресионира со своите настапи. Се смета за еден од најдобрите соло пеачи во Македонија, каде тој собира признанија од публиката за неговите емотивни изведби.

Исмет Вејсели завршува на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на насоката соло пеење, во класата на светски познатата сопранистка проф. д-р Ана Дурловски. Во 2019 година учествува на мастерклас во Берлин, Германија, каде што работи со вокалниот педагог на Берлинската опера (Берлин Статсопер) г-ѓа Снежана Нена Брзаковиќ. Во март истата година тој бил поканет од академијата за музика како солист на 70-годишнината од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде настапил со оркестарот и хорот на академијата под раководство на маестро Сашо Татарчевски.

Учествувал и добил награди на повеќе натпревари во Бугарија, Русија и Србија. Одржал самостојни рецитали, настапувал на домашните фестивали, а дебитирал и во Националната опера и балет во Скопје, играјќи ја улогата на војникот во операта „Скендербег“ од композиторот Фатос Лумани, како прва опера на албански јазик во Македонија. На 4 октомври 2021, Исмет е примен на академијата „Концертанте“ во Барселона, Шпанија, каде што работел со тенорот Раул Хименез. Од септември Вејсели заминува да работи во операта во Братислава.

Пијанистот Матеј Никољски високото образование го завршува на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје. За време на студиите одржал многу редовни концерти и десетина концерти во рамките на манифестацијата „Музика вива“. Во текот на студирањето активно учествувал на меѓународни натпревари во Србија и Македонија, каде има освоено четири награди. Учествувал и на два хуманитарни концерти во текот на студиите. Од 2015 до 2016 година стажира во Македонската опера и балет, каде подготвува оперета од македонскиот композитор Стојан Стојков. Во школската 2016/2017 година се запишува на втор циклус студии на ФМУ – Магистерски студии по пијано интерпретација и корепетиција, во класата на проф. Кристијан Каровски. Оттогаш најмногу се занимава со корепетиција. Денес Матеј Никољски е ангажиран хонорарно на Факултетот за музичка уметност како корепетитор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот