Никола Додов/Фото Принтскрин

Компании од сите бранши црпеле пари за свои потреби, а приватни болници си купувале скапа опрема- Фантомски проекти го „исушиле“ ФИТР

Шеесет домашни градежни, ИТ и други компании незаконски добивале пари од ФИТР, покажале првичните резултати на ревизијата која се уште трае. Дополнително, се откриени злоупотреби на парите од Фондот од страна на 50 приватни здравствени установи, кои си купувале медицинска опрема во најчувствителниот период на ковид кризата

Шеесет компании од различни бранши за фантомски проекти во изминатите пет години, го оштетиле буџетот на Фондот за иновации за 3,2 милиони евра, покажале првичните резултати на ревизијата која се уште трае, откри в.д. директорот на ФИТР, Никола Додов. Откако ќе завршат сите правни постапки, парите ќе се враќаат преку овластен извршител, а досега е извршен поврат на околу 600 илјади евра. Дополнително, според Додов, се откриени злоупотреби на парите од Фондот од страна на 50 приватни здравствени установи, кои си купувале медицинска опрема во најчувствителниот период на ковид кризата. Според Законот за трговски друштва, ФИТР смее да финансира само старт ап компании, а никако приватни компании, дообјасни директорот на ФИТР. Новото раководство, заедно со правниот тим ги собира потребните докази и подготвува кривични пријави за констатираните злоупотреби, а Додов во моментот не сакаше да ги открие имињата на злоупотребувачите.

-Фирмите кои добивале пари за фантомски проекти се од сите бранши – почнувајќи од градежништвото, ИТ секторот, дигитализација, здравство…А приватните здравствени установи се чешлаат како успеале да добијат средства на незаконски начин, па додека државните болници кубуреа со медицинска опрема, тие за време на ковид кризата си набавиле најсовремени апарати, меѓу кои и рентгени. Злоупотребите почнале од 2018 година – истакна Додов. Инаку, портфолиото на ФИТР во изминатите 10 години го сочинуваат 1.100 компании, а злоупотреби направиле само 1 отсто од нив.

Новото раководство на ФИТР открило и дека пари за иновации се исплаќале за исти или идентични проекти, што е исто така незаконски, а претходниот директор потпишал и еден противзаконски договор, кој повлекува етички и правни последици. Исто така, има индикации дека во минатото некои одлуки можеби биле донесени врз основа на политички договори, а не во согласност со законските процедури, што дополнително ќе биде предмет на истражување.

-Отркиена е компанија која за време на власта на СДСМ -ДУИ користела средства од државните фондови, а директорот покрај оваа имал уште 4 други фирми. Тие конкурирале за парите, а 80 отсто од нив се слевале во едната фирма, која имала конфликт на интереси со политирачите на власт – подвлече Додов.

Тој затекнал само 8 редовно вработени во ФИТР, а дури 40 лица биле со договор на дело, но не доаѓале на работам туку само фигурирале на платниот список, со високи хонорари.

-Таканаречените експерти одбиваа да работат и ја попречуваа ревизијата – подвлече Додов.

 Кои се двата најиновативни градови во Македонија?

Новинарите не успеаја да извлечат информација кои се двата најиновативни градови во Македонија, за кои директорот на ФИТР спомена дека ги открила ревизијата. На прашањето како дошле до овој податок, Додов само кусо напомена дека тие имале најголем број на поднесени проекти по глава на жител!

-Овие градови не само што се „лидери” во своите области и иновациите, туку исто така „забележуваат” најголем процент на доделени финансиски средства по глава на жител од Фондот. Очигледно, ова е сигнал за „значајна” поддршка за иновации и развој на овие две локалните економии. Или можеби, само мудро распределување на средства по некои, не толку тајни, пријателски линии. Во интерес на истрагата не би ги открил нивните имиња, само ќе кажам дека од 50 договори за одобрени средства за проекти, дури 40 биле за овие два града – поентираше Додов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот