Комората на сметководители бара намалување на даночната стапка на сметководствените услуги

Според Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководители, анализата на реалните состојби на терен, со сите актуелни измени на законските регулативи од аспект на данокот на додадена вредност, покажуваат дека се потребни измени на даночната стапка за сметководствени услуги да претрпи измени.

Да се намали даночната стапка на сметководствените услуги на пет проценти наместо досегашните 18 проценти бидејќи во спротивно ќе нема кој да книжи и поднесува завршни сметки, бара Комората на сметководители  при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Според Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководители, анализата на реалните состојби на терен, со сите актуелни измени на законските регулативи од аспект на данокот на додадена вредност, покажуваат дека се потребни измени на даночната стапка за сметководствени услуги да претрпи измени.

-Со зголемувањето на прагот за ДДВ регистрација од милион на  два милиони денари, многу од правните и физички лица кои не се ДДВ обврзници, а се крајни корисници на нашите услуги го носат теретот. Ова дополнително ја отежнува и онака тешката ликвидност на микро и малите компании, кои се носители на голем процент од домашниот буџет. Дополнително, имајќи ја предвид и старосната структура на сите регистрирани сметководители и овластени сметководители, државата за 10тина години ќе се соочи со голем проблем од недостиг на сметководители. Согласно моменталната состојба професијата сметководител, е непривлечна за влез на млади кадри, а оваа измена на ДДВ стапката која значи намалување на обврските и полесна наплата на побарувањата, ќе биде стимул повеќе за актуелизирање на оваа професија која е од исклучителна важност за бизнисите и за државата, истакна Андреева денеска на прес-конференција.

Таа дополни дека за оваа предлог мерка Комората на сметководители повеќе пати има доставено предлог-измени до ресорното министерство, но досега без успех.

Ѓорѓи Грковски, член на Управен одбор на Комората на сметководители говореше за актуелните проблеми со кои месечно и квартално се соочуваат сметководителите како последица на недоволно оптимизиран електронки систем за интеракција, како и за важноста од постоење на силна кохезија на сите чинители во процесот, за да може целиот даночен систем непречено да функционира.

– Зачестенота на прекините во меѓусебната електронска комуникација со системот е-Даноци ( популарно наречено е-Тах ) со цел за роковното и задолжително доставување на даночни пријави за сите видови обврзници, е во значаен пораст до степен на целосна дисфункција со што е создава голема тензија, несигурност и стресна состојба и е вистинско измачување во обидите да се исполни обврската уредно и навремено, рече Грковски.

Од една страна, дополни, постојат рокови кои мора да се почитуваат, додека од друга страна опстојува недоволно безбеден, недоволно сигурен, а во некои периоди целосно недостапен систем. Поради големата фреквентност како причина за застој и прекин на електронскиот систем работиме во викенди, до доцните ноќни и рани утрински часови, се со цел поради навремено исполнување на обврските. Понудените ад-хок решенија за продолжување на роковите не се доволни и кои според праксата се до последен момент неизвесни, создаваат стресни ситуации и револт. Во тој контекст апелираме за изнаоѓање на поново и трајно решение за проблемот со системот. Дополнително, за пример, во услови кога поднесувањето на годишните сметки е започнато на електронскиот систем се уште не е поставен новиот образец за Данок на добивка. Следејќи ги сите измени, институциите на системот очекуваат од нас да ги исполнуваме законските обврски, а притоа самите не обезбедиле услови за нивна имплементација во своите системи, наведе Грковски и додаде дека за да може целиот даночен систем непречено да функционира, потребно е, сите чинители во процесот да бидат вклучени.

Комората на сметководители предлага интензивирање на заложбите на сите засегнати страни во изминатиов период, со цел деблокада на работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители, во надлежност на ресорното Министерство за финансии. Продолжување на заложбите во наредниот период е неопходно, бидејќи само со функционален ИСОС сметководствената професија може да го заземе местото кое и припаѓа како најважна алка меѓу државата и стопанството, велат од Комората.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот