Комората на извршители: Oдговорност за недозволеното и незаконито снимање на извршителката Јакимовска
Комората на извршители на Република Северна Македонија најостро го осудува попречување на спроведување на извршувањето спроведено од извршителката Весна Јакимовска од Гостивар, се вели во соопштението на Комората испратено од медиумите.
Препорачано
„Превземањето на дејствија во домот на должникот се врши почитувајќи ја личноста и достоинството на должникот и неговото семејство па од таа причина јавноста е исклучена од постапките на извршувањето согласно обврската за извршителска тајна.Комората ќе ги искористи сите законски средства за да се побара одговорност за недозволеното и незаконито снимање на дејствијата кои ги презема извршителот со цел реализирање на судска одлука за наплата на долг. Потсетуваме дека попречувањето при вршење на службата на извршителот е кривично дело, за кое МВР и обвинителството имаат обврска да постапуваат по службена должност. Воедно, согласно чл.85 од Законот за извршување извршителот е овластен да го отстрани лицето кое го попречува спроведувањето на извршувањето и да побара асистенција од полиција. Комората на извршители ги повикува надлежните институции за брза и ефикасна истрага се со цел целосно расчистување на случајот и правилно информирање на јавноста“, стои во соопштението на комората на извршители.
Вчера новинарот Фуркан Салиу од порталот ИКС на социјалната мрежа Фејсбук објави дека бил нападнат од извршителката Весна Јакимовска при снимање на сторија во Кичево.
По настанот утредента Основното јавно обвинителство Кичево поведе постапка против извршителка за која постои основано сомнение дека ги сторила кривичните дела „спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1“, „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1“ и „фалсификување или уништување деловни книги од член 280 став 2 од Кривичниот законик“.
Осомничената 60-годишна извршителка од најпрвин на 21 март спречила службено лице, новинарот Фуркан Салиу кој се обидел да сними изјава од неа во врска со нејзиното постапување по предмет на извршување. Физички го нападнала и ја оштетила опремата на новинарот. Откако била пријавена и повикана во полициска станица да даде исказ, осомничената физички нападнала полициски службеник и го уништила изготвениот службен материјал, информираат од Јавното Обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Кичево достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, која во текот на целиот настан продолжувала да се заканува поради што јасно постои опасност од повторување на делото.
ВИДЕО | Новинарот Салиу: Физички не нападна извршителката Јакимовска и ни го скрши микрофонот


