КОЛУМНА на Тања Благоевиќ, производителка на органски намирници: ПЛАНИНИ – Без нив не се може

Планините се подигнати делови од земјината кора, вели географијата. Настануваат како резултат на внатрешните тектонски процеси со делување на вулканите или со надворешни ерозии. Најголемиот светски врв е азискиот Монт Еверест висок 9.000 метри, додека во Европа највисок е рускиот Елбрус 5.600 метри. Македонските планини не се многу високи, највисокиот врв кај нас е Голем Кораб, 2.750 метри, но сосема е сигурно дека нашите планини се прекрасни и полни со чудесни убавини скриени во нив.

Планините ни го чуваат грбот, вели фенг шуи, источната филозофија за ускладување на просторот, односно спојување на ветрот и водата. Па така, според фенг шуи, кога градиме куќа треба да ја поставиме така што планината да ни биде во позадина, а погледот да ни биде на отворено или на некоја вода. На тој начин на својот дом, а и на сите што во него живеат, сме им обезбедиле потпора од природата.

Роберт Пирсиг во својата популарна книга „Зен и уметност за одржување на мотоцикли“ ќе рече: Единствен зен кој ќе го пронајдеш во планините е зен што си го донел со себе.

Мирен човек стигнува на планината, и мирен си заминува…

Тој зен, тој мир го делиме со планините. Само тие знаат каде сме го сокриле, а ние, ние често забораваме, забораваме и на важноста на планините, но уште почесто забораваме на важноста на духовните планини во нас.

Мојата омилена приказна е исто така поврзана со планината и нејзината симболичка претстава за животот:

Шетале татко и син низ планина. Детето трчајќи паднало и си го удрило коленото. Почнало да плаче, но одеднаш слушнало некој глас кој плаче исто како неговиот. Момчето престанало да плаче и извикало: – Кој си?!

А гласот кој претходно плачел како него одговорил: – Кој си?!

Детето му се обратило на татка си: – Тато, кој е тоа, кој ми одговара?!

Таткото се насмеал и извикнал: – Те сакам!

Гласот му одговорил со иста сила: -Те сакам!

На тоа детето збунето гледало, а татко му одговорил: – Сине, оваа појава во планините се нарекува ехо, односно тоа што ти ќе го кажеш, планината ќе ти го врати. Многу е важно да запаметиш дека тоа е исто и со животот. Сè што ќе дадеш, тоа ќе го добиеш назад, сè што ќе изговориш, ќе ти се врати, сè што мислиш, се враќа.

Затоа внимавај што правиш и што зборуваш, тоа е начин на кој ти го обликуваш својот, а не туѓите животи. И биди сигурен, животот секогаш исто како и планината ќе ти го врати она што си му го испратил.

Белешка од авторката: Во чест на хрватската писателка Зденка Андријиќ.

ФОТО | На падините под Јакупица со Тања Благоевиќ: Избрав да бидам чудо, како деца ни се и козите, билките, змиите, ластовичките…

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот