Колумбија под притисок на САД почна да ги прска плантажите со кока со дронови
Колумбија ќе почне да ги прска плантажите со кока со глифосат оваа недела со помош на дронови што летаат ниско, објави денес владата, под притисок од САД, пренесува АП.
Препорачано
Новата мерка ќе овозможи дронови да летаат на максимална висина од 1,5 метри над растенијата кока и да вршат контролирано прскање за да се спречи хемикалијата да влијае на екосистемите или популациите што живеат во областа или соседните заедници, изјави на прес-конференција привремениот министер за правда Андрес Интарага.
Жителите се спротивставуваат на глифосатот од здравствени причини и затоа што ги уништува легалните посеви. Тие, исто така, пријавиле вродени дефекти по прскањето.
Светската здравствена организација (СЗО) предупредува на потенцијалното канцерогено дејство на овој високо ефикасен хербицид.
Соопштението доаѓа во време кога односите меѓу Колумбија и САД се на најниско ниво, по децении соработка во борбата против дрогата.
Вашингтон ѝ го одзеде статусот на сојузник на Колумбија во борбата против дрогата и воведе строги санкции на претседателот Густаво Петро, оценувајќи го како премногу попустлив кон вооружените групи кои произведуваат кокаин.
Левичарскиот претседател, кој постојано ја критикуваше употребата на глифосат кога беше опозициски сенатор, го ревидираше својот став осум месеци пред крајот на својот мандат, во време кога Колумбија бележи рекордно одгледување кока.
Прскањето ќе се одвива во упориштата на трговијата со дрога каде што вооружените групи „ги принудуваат земјоделците да одгледуваат листови од кока“, рече министерот за правда.
Тој додаде дека се преземаат сите потребни чекори за „полицијата да може да ги започне овие операции во земјата најдоцна до четврток или петок“.
Латиноамериканската земја го прекина воздушното прскање во 2015 година поради ризици по здравјето на луѓето и во согласност со препораката од Министерството за здравство и судска одлука.
Поранешниот претседател Иван Дуке (2018-2022) се обиде да продолжи со воздушното прскање, но Уставниот суд ги блокираше пресудувајќи во корист на селските, афроколумбиските и домородните заедници кои поднесоа тужби.


