Колку често треба да ги перете градниците? Одговорот можеби ќе ве изненади
Бидејќи градникот директно се носи на кожа во текот на целиот ден, многумина сметаат дека треба да се пере по секое носење. Сепак, иако во одредени ситуации тоа може да биде оправдано, таквата навика не е секогаш неопходна, а може дури и да го оштети парчето облека. За да се утврди колку често навистина е потребно перење, експертите за одржување од Институтот Good Housekeeping споделија препораки за правилна нега и продолжување на векот на траење на градниците.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ако ги перете градниците по секое носење, можно е да вложувате повеќе труд отколку што е потребно.
„Градниците може да се носат неколку пати — три, па дури и четири носења — во зависност од тоа колку долго ги носите и дали сте биле физички активни или сте се потеле“, објаснува Керолин Форте, извршна директорка на Институтот GH.
Пречестото перење не е само непотребно, туку може да доведе и до губење на еластичноста и побрзо оштетување на ткаенината. Затоа, експертите посочуваат неколку важни фактори што треба да се земат предвид.
Колку се потите е еден од најважните фактори. Физичката активност или високите температури значат повеќе пот и потреба од почесто перење, дури и ако градникот е носен само еднаш или двапати. Важна е и должината на носење.
„Колку подолго го носите градникот во текот на денот, толку почесто треба да се пере. Ако сте од оние што го соблекуваат веднаш штом ќе дојдат дома навечер, веројатно е доволно перење по три или четири носења“, вели Форте.
Видот на градникот исто така игра голема улога. Спортските градници, особено ако се користат за интензивно вежбање, треба да се перат по секое носење. Добрата вест е што тие најчесто се направени од поиздржливи материјали кои поднесуваат почесто перење.
За градниците подолго да останат во добра состојба, експертите препорачуваат неколку основни правила за нега. Чувствителните материјали најдобро е да се перат рачно, а секогаш треба да се провери етикетата со упатства за одржување. Доколку се перат во машина, се препорачува користење мрежеста кеса за перење за да се зачува формата и да се спречат оштетувања. Исто така, пред перење треба да се закопчаат сите кукички за да не се закачат за друга облека.
Градниците не е препорачливо да се сушат во сушара, бидејќи топлината може да ги оштети нежните материјали. Наместо тоа, вишокот вода нежно се истиснува, а градниците се оставаат да се сушат на рамна, чиста површина и на воздух.
Дополнително, се советува ротирање на градниците. Наместо да се носи истиот модел повеќе дена по ред, менувањето неколку градници овозможува еластичната трака да „одмори“ меѓу носењата, што значително го продолжува нивниот век.


