Колку често ја перете постелнината? Ако го користите телефонот во кревет, внесувате повеќе бактерии отколку што мислите
Многу луѓе се тушираат пред спиење за да си легнат чисти и опуштени. Меѓутоа, покрај нашите тела, технологијата може да внесе бактерии и во спалната соба. Според извештај на „Матрес некстеј“, мобилните телефони и паметните часовници носат повеќе бактерии отколку што повеќето луѓе претпоставуваат.
Препорачано
Истражувачите зеле брисеви од 10 мобилни телефони и паметни часовници, како и од тоалетни школки, со цел да утврдат кои бактерии се присутни на уредите што секојдневно ги носиме со себе.
Резултатите покажале присуство на бактеријата Псеудомонас аеругиноза на телефоните и часовниците. Оваа бактерија, која може да се најде и во изметот на бубашвабите, е позната по тоа што може да предизвика различни инфекции кај луѓето. Од „Матрес некстеј“ наведуваат дека мобилните телефони и паметните часовници можат да ја понесат титулата највалкани предмети во домот, надминувајќи ги дури и далечинските управувачи.
Анкетата спроведена меѓу 575 испитаници покажала дека повеќе од половина никогаш не го чистат својот телефон со антибактериско средство, додека 10 проценти го прават тоа само еднаш годишно. На тој начин, бактериите лесно се пренесуваат во креветот, со што потенцијално се зголемува ризикот по здравјето и состојбата на кожата. Токму затоа, редовното чистење на уредите е од клучно значење.
Кога станува збор за паметните часовници, 70 проценти од испитаниците признале дека никогаш не го чистат својот уред, а само 10 проценти тоа го прават еднаш месечно. Американскиот институт за чистење препорачува секојдневно бришење на екранот и заштитата на паметните телефони со крпа од микрофибер, како и неделно вадење и дезинфекција на заштитните маски. Паметните часовници исто така бараат внимание – најдобро е да се избришат по секое вежбање.
Покрај одржувањето на уредите, важна е и хигиената на постелнината. Фондацијата за спиење препорачува постелнината да се пере најмалку еднаш неделно, а за лицата кои го делат креветот со домашни миленици, идеално е оваа навика да се практикува на секои три до четири дена.


