Кој сака да се грее на печки на пелети во Гази Баба, нека побара субвенции

Фото: МИА

Жителите на општина Гази Баба кои од почетоков на годинава купиле печки на пелети или имаат намера да купат, од утре ќе можат да аплицираат за субвенции, односно за надомест на дел од парите што ги вложиле за набавка на печката.

Општина Гази Баба денеска објави јавен повик за субвенционирање, чија цел е, како што се наведува, да се стимулира жителите за примена на почисто гориво и квалитетни печки за затоплување на своите домови. На граѓаните кои ги исполнуваат условите и кои навреме ќе се пријават на повикот ќе им бидат надоместени до 70 отсто од парите, но не повеќе од 30 000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство. Јавниот повик ќе се реализира по принципот „прв дојден прв услужен’’, а ќе трае до исцрпување на предвидените 1.500.000 денари за оваа намена во Буџетот на Општина Гази Баба.

Меѓу условите кои треба да ги исполни оној што ќе побара субвенција се: да е жител на општина Гази Баба,  да нема добиено финансиски средства за набавка на печка на пелети од било кој друг извор во државата и досега да користел печка на дрва, јаглен, нафта. Новата печка на пелети треба да е купена од 1 јануари годинава и да биде инсталирана на адресата наведена во личната карта на барателот. Според наведените услови во повикот, станбениот објект каде што е инсталирана печката не треба да има приклучок на градско централно греење и барателот задолжително да има платено данок на имот за објектот каде е инсталирана печката на пелети, заклучно со 2021 година.

За сите потребни документи, за тоа каде да се достават и начинот на кои ќе се доделуваат субвенциите, заинтересираните граѓани можат да се информираат на веб страната на Општина Гази Баба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот