Кој нема наполнето стаж 15 години, може да работи и по навршени 64 години!

За да настане престанок на работниот однос, се предвидува истовремена исполнетост и на условот за возраст и на условот за пензиски стаж, што значи дека ако еден од нив не е исполнет, на работникот не може да му престане работниот однос, објаснија од Министерството за труд.

Многумина што немаат наполнето стаж од 15 години се разочарани дека нема да добијат пензија кога ќе ја исполнат старосната граница за одење во пензија. Но, Павле Гацов, сопственик на една од водечките компании за даночен, финансиско-сметководствен, правен и менаџмент консалтинг „Про Агенс“, објаснува дека законскатa регулатива упатува на кумулативност на условите за задолжителното пензионирање на 64 години возраст и 15 години стаж.

– Со оглед на кумулативноста на условот за заминување во пензија заради возраст, заедно со возраста, работникот да има и минимален пензиски стаж од 15 години, произлегуваат варијанти според кои пензионирањето задолжително не мора да се остварува на 64-годишна возраст (62 години, доброволно за жени), односно најдоцна до 67-годишна возраст за одредени исклучоци, туку дека оние што не наполниле 15 години пензиски стаж, ќе можат (мораат) да работат до „зрела старост“. Со ваквата кумулативност, работниците што наполниле 64 години возраст, но немаат пензиски стаж од 15 години, се разбира за да остварат право на пензија ќе мора да работат до остварување пензиски стаж од 15 години – дециден е Павле Гацов, со кого разговаравме на оваа тема, а кој го актуализираше ова прашање доставувајќи преку својата консултантска куќа став и до компаниите кои, пак, имаа голема недоумица за сегашната законска регулатива.

„Слободен печат“ побара правно толкување и од Министерството за труд, според кое ако еден услов не е исполнет, на работникот не може да му престане работниот однос.
„Врз основа на член 18 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж, односно осигуреникот е потребно да ги исполнува и двата услова во согласност со законот за да може да го оствари правото на старосна пензија. Понатаму, според член 104 од Законот за работните односи, договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено. Ова значи дека, за да настане престанок на работниот однос, се предвидува истовремена исполнетост и на условот за возраст и на условот за пензиски стаж, што значи дека ако еден од нив не е исполнет, на работникот не може да му престане работниот однос“, објаснија од Министерството за труд.

Задолжително пензионирање со навршување 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, со исклучоци предвидени со посебен закон, е системско решение уште од 2001 година. Во еден период можеше, по желба на вработениот, да се одложи пензионирањето за три години, но тоа се измени со закон и практично се врати старото решение – пензија на 64 години, со стаж најмалку 15 години, а исклучоци се овозможија на наставен кадар во високото образование, во здравството и според Законот за внатрешни работи.

– На работник што го има продолжено работниот однос и по навршување 64-годишна возраст, но има пензиски стаж пократок од 15 години, работниот однос не може да му биде прекинат единствено со навршување на законски предвидената возраст, туку ќе продолжи, сè до исполнување и на вториот услов, односно до навршување 15 години пензиски стаж – велат од Министерството за труд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот