Кој не се пријави, ќе се брише од Агенцијата за вработување

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Вкупно 54 илјади активни и пасивни невработени имаат уште десетина дена да се пријават во Агенцијата за вработување или ќе бидат избришани од евиденцијата. Тие пред еден месеци, добија „жолт картон“, а крајниот датум е 19 март. Причината за бришењето е непочитувањето на рокот за пријавување. Активните баратели на работа мора да се евидентираат еднаш месечно, а пасивните се пријавуваат на секои шест месеци.

– Доколку во наредните 30 дена не ја исполнат својата обврска да се пријават според Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, ќе бидат избришани од евиденцијата и со тоа ќе ги изгубат правата што ги имаат врз основа на тој статус. Активните баратели на работа имаат пристап до активни програми и мерки за вработување и до услугите на Агенцијата за зголемување на конкурентноста на работната сила и за зголемување на потребите на пазарот на трудот – предупреди неодамна Абдуш Демири, директор на Агенцијата за вработување.

Избришаните од евиденцијата, освен што нема да можат да ги користат  поволностите од активните програми за вработување, нема да можат да се пријавуваат во Агенцијата како невработени една година, а ќе ги изгубат и правата што ги користат врз основа на невработеност.

До крајот на првиот месец од оваа година вкупната бројка на невработени – активни баратели на работа е 158.681 лица, а бројот на пасивни баратели на работа е 90.293. Од Агенцијата за вработување напоменуваат дека од 11 мaрт 2020 година до 31 јануари 2020 година се евидентирани 18.174 невработени лица, на кои работниот  однос им престанал со одјавата од задолжително социјално осигурување. Меѓу декември лани и јануари годинава, бројот на  активни баратели на работа се зголемил за околу 2.200 лица. Во истиот период за 1.000 лица се зголемил и бројот на пасивните баратели.

Државниот завод за статистика објави дека невработеноста во четвртиот квартал од 2020 благо се намалила на 16,1 од претходните 16,5 проценти. Минимални поместувања бележи и вработеноста во квартал и тоа од 46,6 на 46,8 проценти.

„Пасивизацијата на активното население која се интензивираше во претходните два квартала е сопрена, но нема позначајни знаци на реактивирање. Во четвртиот квартал, преработувачката индустрија, трговијата и транспортот креирале работни места, што е во линија со нивната консолидација, додека критичен сектор погоден од кризата останува хотелиерството и услугите со храна, сектор што во четвртиот квартал од 2020 година изгубил близу 4.700 работни места, што е најголема секторска загуба на квартална основа“, анализираат од „Фајненс тинк“.

Во периодот на пандемијата, дневно во просек се објавуваа од 6.000 до 7.000 слободни работни места, а најбарани се работниците за едноставни работи на производствена лента, општите работници, хигиеничарите, продавачите, програмерите, келнерите….

Пријави за бенефиции од државната помош

Интересен увид во состојбите на пазарот нудат бројките за пасивните баратели на работа. Во првите пет лански месеци, нивната бројка се движела околу 86.000 лица, кога во јуни 2020 година, паднала на 82.000 лица. Тоа се совпаѓа со разлабавувањето на мерките, со почетокот на туристичката сезона, кога по правило има повеќе сезонски работни места. Да не го заборавиме и делумното отворање на границите, кое беше искористено за да се замине на работа во странство. Падот на пасивните баратели на работа траел сѐ до октомври лани, кога повторно почнал да расте, а трендот не запрел. Повеќе државни функционери, а потоа и директорот на Агенцијата за вработување, ја видоа причината за зголемување на бројот на лицата кои не бараат активно работа во Четвртиот пакет антикризни мерки со кои беше предвидена помош и за нив. За жал, бројот на пасивни баратели на работа од почетокот на 2021 година, веќе достигна повеќе од 90.000 лица, што неофицијално се доведува во корелација со граѓани кои се надеваат дека ќе заминат на работа во странство, а во меѓувреме, се или во сивата зона или повторно се надеваат на помош од државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот