Кој ќе одговара за трагедијата во Претор?

Плажа Претор Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Денеска во водите на Преспанското Езеро крај плажата од туристичката населба Претор продолжи потрагата по 16-годишниот И.М. од Ресенско кој завчера исчезна во водите на езерото. Според информациите, И.М. бил во друштво со уште две другарчиња во моментот кога исчезнал. Локалното население и рибарите веднаш започнале потрага по момчето. Во потрагата час подоцна им се придружиле нуркачи од Битола, Охрид и Скопје.

Познаници на момчињата на полицијата им изјавиле дека трите момчиња биле непливачи, а никој од нив не носел елек за спасување. Несреќата се случила на 400 метри оддалеченост од брегот, каде водата достигнува длабочина од неколку метри. По трагeдијата, целосно се испразни плажата во Претор, која за овој продолжен викенд беше полна со туристи.

Несреќата во Претор отвори едно големо прашање, дали изнајмувачите на педалинки треба на корисниците задолжително да им дадат заштитни елеци?

– Секој кој издава педалинка или скутер е должен на секој корисник да му издаде соодветен елек за спасување. Законодавецот оваа проблематика добро ја уредил, со тоа што јасно пропишал дека е обврска да се даваат елеци за спасување и затоа треба да се почитуваат тие правила за да не се случуваат вакви немили инциденти, како најновиот во Претор. Сметам дека мора да се дефинира до која оддалеченост може да пловат педалинките. Таа оддалеченост не смее да бида многу далечна од брегот, а сепак надвор од зоната предвидена за капачите. Без разлика на се, педалинките според мене треба да им се издаваат само на лица кои што се пливачи  – вели спасителот Иван Михајловски.

Сопственикот на педалинките Ведат Адемовски пак вчера изјави дека педалинките му биле во исправна состојба.

– Значи, не се превртила туку тие скокале од педалинка – рече Адемовски.

Зошто момчето и другарите не добиле заштитни елеци и кој му издал дозвола за работа на изнајмувачот на педалинки во Претор доколку не ги исполнува законските прописи, засега нема одговор од соодветните институции. Плажата каде се случила несреќата немала ниту спасувачка екипа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот