Кој ќе ја освои Нобеловата награда за мир? Ала Салах главна фаворитка, пред Навални, Тунберг и СЗО

Фото: EPA-EFE/MARIA MOYA

Веројатно како никогаш претходно во изминатата деценија, очите на пацифистите со огромно внимание се насочени кон Норвешкиот нобелов комитет, каде што в петок ќе биде прогласено името на лауреатот

Од последното прогласување на лауреатот за Нобеловата награда за мир, помина безмалку една година, а во тој период светот западна во период на неизвесност, напнатост, а во одредени региони и во отворени воени судири.

Веројатно како никогаш претходно во изминатата деценија, очите на пацифистите со огромно внимание се насочени кон Норвешкиот нобелов комитет, каде што в петок ќе биде објавено името на лауреатот. Потребно е да се посочи, дека имињата на номинираните кандидати за наградата ќе останат да се чуваат во тајност и во наредните 50 години, согласно правилата на Комитетот. Тоа што е познато е дека на списокот на номинираните се вкупно 318 кандидати, од кои 211 се индивидуи, додека 107 се организации.

Затоа во моментов единствените кои се занимаваат со имињата на можните фаворити се обложувалниците, кои веќе неколку месеци ги споделуваат квотите за поединци и организации, кои би можеле да бидат кадарни и да бидат промовирани во промотори на светскиот мир.

– Помалку сум сигурен годинава, од било која година претходно, кога се кога се во прашање имињата на можните победници – вели Ден Смит, директор на стокхолмскиот Меѓународен институт за мировни истражувања.

Но, Смит смета дека годинава членовите на Комитетот ќе се обидат со прогласувањето на добитникот да испратат одредена порака.

– Сметам дека тие досега често се обидувале да испратат одредена порака. Пред се, тие треба да испраќаат пораки за надеж и верба дека нештата можат да бидат подобри – додава Ден Смит.

Трамп не е меѓу кандидатите?

Пред извесно време беше објавено дека Доналд Трамп е номиниран за Нобеловата награда за мир, што не значи дека претседателот на САД е меѓу фаворитите.

– Да се биде номиниран, не значи и дека кандидатот е сметан за подобен. Секоја личност што ги исполнува критериумите може да биде од некого номинирана за наградата. Лесно е да се претпостави дека секој американски претседател е досега предложен. Но, јас можам да се обложам дека Доналд Трамп ниту случајно не е кандидат за наградата – тврди Смит.

Еден од фаворитите за наградата е шведската тинејџерка Грета Тунберг, која со својата активност успеа да стане вистинска ѕвезда на организациите што се борат да го свртат вниманието на јавноста кон последиците од глобалното затоплување. Сепак, добро упатените сметаат дека Грета има мали шанси да ја добие наградата.

– Би бил изненаден доколку Грета биде прогласена за лауреат. Јавноста е премногу поларизирана околу тоа што таа го претставува и тоа никогаш не е добро. Иако јас сметам дека тоа што Грета го прави е извонредно – вели Хенрик Урдал, директор на Институтот за мировни истражувања од Осло.

Во слична состојба е и Светската здравствена организација (СЗО), која од букмејкерите доби најмногу шанси за наградата.

– Скептичен сум околу шансите на СЗО, бидејќи оваа организација беше цел на остри критики во последниот период. Иако сметам дека целата работа околу критиките и обвинувања е предимензионирана. Шансите на СЗО не се мали, но сметам дека оваа организација нема да биде лауреат – прогнозира Урдал.

Тој смета дека истото важи и за организацијата Црните животи се битни, која исто така ја поларизира јавноста.

Навални меѓу фаворитите

Според Хенрик Урдал, организацијата што се залага за заштита на новинарите во целиот свет – ЦПЈ, има големи шанси да ја добие довербата на Комитетот. Тој вели дека оваа година особено се води внимание за утврдување на вистинита на информациите кои доаѓаат од разни дестинации во светот. Улогата на новинарите е пресудна во овие обиди, па затоа и организацијата која се грижи за безбедноста на репортерите во конфликтните зони би можела да се смета за фаворит.

Меѓу фаворитите се наоѓа и младата активистка од Судан, Ала Салах, која зазема значајна улога во тамошното народно револуционерно движење и обидите за изградба на демократско и праведно општество.

– Случувањата во Судан ни го претставуваат најзначајниот трансформациски процес на еден конфликт, забележан во последните неколку години. Сметам дека Ала Салах не би смеела да биде игнорирана од Комитетот – додава Урдал.

Меѓу фаворитите е и најголемиот противник на рускиот претседател Владимир Путин, Алексеј Навални. Лидерот на руската опозиција се најде во центарот на вниманието, откако наводно беше отруен во својата татковина, по што беше префрлен на лечење во Германија. Германските лекари тврдат дека во неговата крв се пронајдени остатоци на отровот „новичок“, а самиот Навални за труењето го обвини Путин.

– Навални е во потесниот список на фаворити, уште пред да биде објавена веста за труењето. Неговата политичка борба во Русија ја сметаме за премногу важна – смета Урдал.

Наградата за мир е единствената која ја доделува Нобеловиот комитет од Осло, Норвешка, додека дугите награди се во надлежност на Комитетот од Стокхолм, Шведска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот