Кој ги кочи економските закони во време на криза – што кажаа Милошоски и Костовски

Пратениците Милошоски и Костовски/Фото: СП

Пратеникот Антонио Милошоски со кратка реплика до колегите од владејачкото мнозинство, дека е несериозно да се одржи вонредна прес конференција на премиерот Димитар Ковачевски на 28 септември, а до ден денес да ги немаме во Собрание законите кои што тој така итно ги најави, ја започна денешната прес конференнција.

-За разлика од неодговорноста на власта, ние како пратеничка група следниот ден на 29 септември предложивме закон за измени во законот во енергетика преку кои училиштата и јавните претпријатија и болниците би биле на регулираниот пазар и сакаме да се интервенира што побрзо. Но, за жал владејачкото мнозинство, иако законот е само од три члена една недела се уште не замајува дека се преведува предлог законското решение на ВМРО-ДПМНЕ. Односно одолговлекува затоа што власта не е способна да ги достави до Собрание предлог законите кои што Ковачевски кажа дека се итни, дека ги има, дека бара поддршка, а од нив нема ни трага, ни глас во собраниските архиви. И затоа е бесмислено да се говори за поддршка на закони кои што не постојат и не се доставени во Собранието, рече Милошоски.

Тој се осврна и во однос на законот за заем кај ЕБОР за кој неговата партија има сомневање за тоа како владата ги троши средствата од вакви заеми и од самиот буџет.

-И видовме дека и одредени медиуми кои што работеа на истражувачко новинарство утврдија дека за време на кризата со пандемија и енергетската криза многу средства биле и злоупотребени за купување на одредени работи кои што немаат допирна точка со здравствената или енергетската криза. И 25 милиони евра од овој закон за заем пред ЕБОР се предвидени за дополнителни плати и вработувања кои што власта недомаќински ги прави во ЕЛЕМ-ЕСМ. И сметаме дека во ваква криза кога секој стопанственик особено тие кои што се со помалку вработени се бори за зачувување на едно, две или пет работни места, трошењето на четвртина од овој заем за дополнителни нови вработувања е непродуктивно. И цениме дека не можеме да дадеме поддршка на такви законски решенија, особено не во услови кога според Светската Банка, Македонија за жал е најлошо рангирана во прогнозата за раст на БДП, освен земјите кои што се директно вклучени во војна, како што се Русија, Украина или Белорусија, рече Милошски.

Тој нагласи дека Македонија во регионот е лидер по најниската прогноза за економски раст од само 2,1 процент и до крајот на оваа година што можеби ќе стане и по лоша бројка со текот на времето.

Неговиот колега од собранието, пратеникот Мартин Костовски од СДСМ денеска ги повика пратеници од ВМРО-ДПМНЕ конечно да се откажат од блокадите на Собранието.

-Повикуваме на деблокада и поддршка од ВМРО-ДПМНЕ на законите кои се битни за поефикасно справување со кризата, но битни и за напредокот на нашата држава. Тука се пред се измените на Законот за енергетика, за енергетска ефикасност и Законот за градба, со кој се олеснува поставувањето на фотоволтацили, но и други закони. Понатаму, поддршка и деблокада на Предлог законот за гаранција на обврските за заем и финансирање на Проектот за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ во услови на енергетска криза од ЕБОР. Надлежната комисија се уште нема свикано седница. Законот за нафта и нафтени деривати, како и спроведување на одлуката за кратење на финансиски средства во деловите на Буџетот коишто се со помал процент на исполнетост и нивна прераспределба кон ставки кои се однесуваат на справување со енергетската криза. Сите овие законски измени се важни за последиците од кризата да бидат пребродени што поефикасно и со што помалку штета врз граѓаните, врз стопанството и врз енергетскиот сектор, рече Костовски.

Тој додаде дека над 50 закони се закочени во Собранието и тоа е неодговорно во време на криза.

-По неколкумесечни блокади, ВМРО-ДПМНЕ има можност да се престрои на страна на интересите на граѓаните, конечно да покаже одговорност и да се вклучи во процесите. Државата, граѓаните, немаат време за губење, повикуваме да прекинат блокадите на македонското Собрание, да се обезбеди ефикасност во носење на законите и поддршка на клучните закони за енергетската криза, нагласи Костовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот