фанил сарваров

Кој е генералот Фанил Сарваров, ликвидиран среде Москва?

Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Фанил Сарваров, беше убиен утрово во експлозија на автомобил-бомба во јужниот дел на Москва. Ова е еден од најсериозните безбедносни инциденти во руската престолнина во последните неколку месеци, што дополнително ги зголемува стравувањата дека војната во Украина сè повеќе се прелева на територијата на самата Русија, објави Би-би-си.

Според Истражниот комитет на Русија, експлозивната направа била поставена под автомобилот на Сарваров и активирана околу 07 часот наутро по локално време, на паркингот на улицата Јасеневаја, во близина на станбениот комплекс. Генералот бил во возилото во моментот на експлозијата. Тој бил однесен во болница со тешки повреди, каде што набргу починал.

На местото на настанот е пронајден целосно уништен бел автомобил, со разнесени врати и оштетувања на околните возила. Областа била опколена со часови додека полицијата, форензичките експерти и истражителите собирале докази. Службениците потврдија дека станува збор за целна ликвидација.

Портпаролката на Истражниот комитет, Светлана Петренко, изјави дека е покрената кривична постапка за убиство извршено на генерално опасен начин, како и за нелегално производство и трговија со експлозиви.

„Истражителите разгледуваат неколку верзии и мотиви за злосторството. Една од линиите на истрагата се однесува на можната вмешаност на украинските разузнавачки служби“, рече Петренко, нагласувајќи дека истрагата се води во неколку насоки.

Официјален Киев сè уште не ги коментирал наводите од Москва. Украина, како дел од својата официјална политика, речиси никогаш не потврдува ниту презема одговорност за целни напади врз руски воени и политички актери, дури и во случаи кога западните или украинските извори неофицијално укажуваат на нејзина вмешаност.

Во времето на неговата смрт, Сарваров беше началник на Дирекцијата за оперативна обука на Генералштабот на руските вооружени сили, телото задолжено за планирање, обука и подготовка на руски воени единици. Тој се сметаше за искусен офицер со богата воена биографија.

Роден е на 11 март 1969 година во Гремјачинск, Пермска област. Во текот на 1990-тите, тој учествувал во борбите во рамките на осетиско-ингушкиот конфликт, како и во двете чеченски војни. Во периодот од 2015 до 2016 година, тој бил ангажиран во планирањето и спроведувањето на руските воени операции во Сирија, по што напредувал во хиерархијата на Генералштабот. Во 2016 година, тој бил назначен за началник на Дирекцијата за оперативна обука.

Кремљ објави дека претседателот Владимир Путин веднаш бил информиран за смртта на генералот. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не сакал да коментира за текот на истрагата, но нагласил дека безбедносните служби „ќе сторат сè за да ги расветлат околностите на нападот и да ги казнат одговорните“.

Поширок модел на атентати

Убиството на Сарваров не е изолиран случај, туку дел од поширока серија атентати и саботажи што ја потресоа Русија во последните години. Од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, голем број руски воени функционери, идеолози и јавни личности поврзани со војната беа цел на напади, како во Русија, така и на териториите под нејзина контрола.

Во декември 2024 година, генерал Игор Кирилов, командант на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита, беше убиен во Москва, кога експлозивна направа, скриена во електричен скутер, беше активирана од далечина пред неговата зграда. Украински извор изјави за Би-Би-Си во тоа време дека Украинската служба за безбедност стои зад нападот, но таа информација никогаш не беше официјално потврдена.

Еден месец претходно, според украински извори, автомобил-бомба го уби Валери Транковски, руски морнарички капетан обвинет за наредување ракетни напади врз цивилни цели во Украина.

Во јули 2023 година, Станислав Ржицки, руски офицер и поранешен командант на подморница на Црноморската флота, кој беше на украинскиот список на наводни воени злосторници, беше убиен во Краснодар. Тој беше убиен со огнено оружје додека џогирал во утринските часови.

Ликвидацијата на воениот блогер Максим Фомин, попознат како Владлен Татарски, кој почина во април 2023 година во Санкт Петербург, кога експлодираше подарочна статуетка за време на јавен настан во кафуле, исто така привлече посебно внимание од јавноста.

Еден од првите и најпознати атентати се случи во август 2022 година, кога Дарја Дугина, ќерка на ултранационалистичкиот идеолог Александар Дугин, близок до Кремљ, беше убиена во експлозија на автомобил. Тој напад означи пресвртница и покажа дека дури и високите кругови блиски до властите не се надвор од дофат на напаѓачите.

Војна без јасни граници

Аналитичарите проценуваат дека ваквите напади имаат силен психолошки и политички ефект, бидејќи покажуваат дека војната повеќе не е ограничена само на фронтот во Украина. Ликвидациите во самата Москва, под засилени безбедносни мерки, испраќаат порака за ранливоста на системот и ја продлабочуваат нервозата во рамките на рускиот воен и политички естаблишмент.

Во исто време, Москва ги користи ваквите напади како аргумент за зајакнување на своите безбедносни структури и заострување на реториката кон Киев и Западот, обвинувајќи ги за „тероризам“ и „субверзивни активности“.

Истрагата за убиството на генералот Сарваров е во тек, а руските власти засега не исклучуваат ниту еден сценарио. Во меѓувреме, атентатот во јужниот дел на Москва уште еднаш потврдува дека конфликтот во Украина сè повеќе се води во сенка – преку тајни операции, целни убиства и конфронтации далеку од фронтовската линија.

ВИДЕО+ФОТО | Руски генерал е убиен во експлозија на автомобил бомба во Москва

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот