Кој е Џек Шлосберг – внукот на Кенеди официјално влегува во политиката
Џек Шлосберг, внук на поранешниот претседател на САД Џон Ф. Кенеди, објави дека ќе се кандидира за Конгресот во 2026 година.
Препорачано
Шлосберг (32) изјави дека ќе се кандидира за местото претставник на 12. конгресен округ во Њујорк. На таа позиција моментално е Џери Надлер, кој во септември објави дека нема да се кандидира за реизбор.
Шлосберг ја претстави својата кандидатура како делумен одговор на економската агенда што ја изнесоа републиканците и Доналд Трамп, вклучувајќи го претседателовиот таканаречен „Голем убав закон“, за кој рече дека довел до „криза на трошоците за живот“ со историски „намалувања на социјалните програми на кои се потпираат работничките семејства – здравствена заштита, образование, грижа за деца“.
„Заслужуваме подобро и можеме подобро, а тоа почнува со враќање на контролата на Демократската партија врз Претставничкиот дом“, наведе Шлосберг на Инстаграм кога ја објави својата кандидатура. Со контрола врз Конгресот, додаде, нема нешто што не можеме да го направиме. „Без неа, немоќни сме пред третиот мандат“, нагласи тој.
Претседателот кон крајот на октомври, изгледа, призна дека не може да се кандидира за трет мандат, откако претходно одби да ја исклучи таа можност.
Политички наследник, поранешен студент на Јејл и Харвард кој се кандидира како демократ, во соопштението за јавноста исто така се обиде да го зацврсти својот статус како член на таа партија, пренесе ABC News.
Во соопштението се наведува дека „говорел ширум земјата како заменик за претседателот Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис“, како и дека зборувал на последната Демократска национална конвенција.
Кој е Џек Шлосберг?
Џек Шлосберг е единствениот внук на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди и Џеки Кенеди Онасис. Син на Каролин Кенеди и Едвин Шлосберг е роден на 19 јануари 1993 година во Њујорк. Има уште две сестри. Името Џон Бувије „Џек“ Кенеди Шлосберг го добил по своите баба и дедо од мајчина страна.
Студирал на Универзитетот Јејл, каде што ги завршил основните студии, а потоа на Правниот и на Бизнис факултетот на Харвард, каде стекнал мастер и докторски студии.
Говорејќи за студентските денови на Харвард, еднаш изјави дека му било „малку чудно“ што го гледал името на својот дедо секаде. (ЏФК дипломирал на Харвард во 1940 година и на кампусот има згради и улица што го носат неговото име.)
За својот дедо рече дека е негов херој.
„Мојот дедо, претседателот Кенеди, е мој херој. Првата работа за која навистина се заинтересирав страсно беше тој – неговите говори и неговата администрација. Тоа е план како прогресивизмот може да функционира во Америка и како Америка може да го води светот на позитивен, оптимистички и научно заснован начин. Како што растев, станував сѐ повеќе вклучен во официјалните обврски што доаѓаат со тоа што сум дел од моето семејство. Запознав многу политичари и станав сѐ пооптимистички во однос на нашата иднина, работeјќи ја таа работа. Се поврзав со тоа на личен план во смисла на сопствените интереси, а исто така и на професионален план, преку работата што ја извршувам со библиотеката на Кенеди“, изјави Шлосберг еднаш за „Вог“.
Правосудниот испит го положил во 2023 година, и како и многу членови од неговото семејство, страстно се занимава со животната средина и политиката, пишува People.com.
Првото телевизиско искуство го имал во 2017 година, кога со својата мајка гостувал во емисијата „Today“. Тогаш изјави дека го мотивира семејната историја.
„Инспириран сум од семејното наследство на јавна служба. Тоа е нешто на што сум многу горд. Но сѐ уште се обидувам да го пронајдам својот пат и да ги сфатам работите. Затоа останете во тек, не знам што ќе правам“, рече тој.
Говорејќи за споредбите со својот дедо, во 2017 година за People изјави и дека „се обидува да биде свој човек и да ги работи своите работи“.
„Живееме во навистина поинакво време од она во кое живеел тој и се обидувам да сфатам што навистина ме интересира и што сакам да правам“, објасни Шлосберг.
Политички е ангажиран од рана младост. Во 2009 и 2010 година работел како асистент на тогашниот сенатор Џон Кери, а во 2011 година бил приправник во Сенатот.
Во јануари 2020 година одговори на колумната на поранешниот потпретседател Мајк Пенс во „Волстрит журнал“, во која Пенс го цитирал неговиот дедо ЏФК.
Како што се наведува, цитатот на покојниот претседател бил искористен за да се убедат демократските сенатори да се побунат и да гласаат за одбрана на тогашниот претседател Доналд Трамп за време на процесот на импичмент.
„Наместо тоа, би тврдел дека денес политичката храброст можеби бара републикански сенатор да ја ризикува сопствената политичка иднина така што ќе ја прекине врската со претседателот и ќе се согласи да ги сослуша сведоците, да ги прегледа доказите и да го стави националниот интерес пред својот“, напиша тој на мрежата X (поранешен Твитер).
Подоцна истата година се појави заедно со својата мајка Каролина во видео-порака за Демократската национална конвенција.
Двајцата снимија видео-порака во знак на поддршка за кандидатурата на Џо Бајден.
„Пред шеесет години, на преполн стадион во Лос Анџелес, мојот татко ја прифати демократската номинација за претседател“, рече неговата мајка на почетокот, на што се надоврза Шлосберг.
„Времињата се променија, но темите од говорот на мојот дедо – храброст, единство и патриотизам – денес се исто толку важни како што беа и во 1960 година. Повторно, ни е потребен лидер кој верува дека најдобрите денови на Америка допрва доаѓаат. Потребен ни е Џо Бајден“.
Во јули 2023 година го критикуваше својот братучед Роберт Ф. Кенеди Помладиот, кратко време откако тој ја започна кампањата за демократската претседателска номинација за 2024 година.
Во видеото објавено на Инстаграм се осврна на говорот на Кенеди Помладиот, во кој, како што се наведува, биле споделени теории на заговор за вакцините и јавното здравје, вклучувајќи дезинформации за пандемијата на ковид-19.
Тогаш ја потврди својата поддршка за претседателот Бајден и се осврна на наследството на својот дедо како претседател на САД.
„Џо Бајден ја споделува визијата на мојот дедо за Америка“, рече Џек. „Да правиме работи не затоа што се лесни, туку затоа што се тешки, а тој е среде процес да стане најголемиот прогресивен претседател што сме го имале“.
Шлосберг исто така му припиша заслуги на Бајден за завршување на американската воена интервенција во Авганистан, нарекувајќи го „нашиот најдолг воен конфликт“, како и за справувањето со пандемијата ковид-19 и претседателството на Трамп. Го пофали Бајден за намалување на невработеноста и вложувањата во политиките за заштита на животната средина.
„Овие прашања се важни и доколку мојот братучед Боби Кенеди Помладиот се грижеше за било кое од нив, и тој ќе го поддржеше Џо Бајден“, додаде тој, нагласувајќи дека „наместо тоа, тој тргува со славни личности, теории на заговор и конфликти за лична корист и слава“.
Пред претседателските избори во 2024 година, „Вог“ објави дека Шлосберг е негов нов политички дописник.
„Џек се појави како фаворит меѓу уредниците на почетокот на овој изборен циклус поради неговиот дрзок, но интелигентен пристап кон политичкиот пејзаж“, рече уредничката Клои Мал во соопштение за „Њујорк тајмс“.
„Сите знаеме“, додаде таа, „колку е голем влогот на овие избори и за ‘Вог’ е клучно да направиме сѐ за да ја мотивираме нашата публика да гласа.“
На прашањата за приватниот живот, пишува „Вог“, Шлосберг одговара со „без коментар“, особено кога станува збор за врски, но сепак открил неколку детали. Страстен е спортист, особено ги сака водените спортови.
Според магазинот People, на Инстаграм често објавува фотографии од возење на даска за веслање. Во 2017 година за „Њујорк магазин“ напиша текст за веслање на даска околу Менхетен во добротворни цели. Меѓу другото, наведе дека дел од трката го поминал обидувајќи се „очајнички да стигне три жени вполовина помали од мене по висина и тежина, но никогаш не бев ни блиску. Тоа беше добро познато чувство за помалиот брат на две постари сестри.“
Неговите сестри се филмската режисерка и актерка Роуз Кенеди Шлосберг, родена во 1988 година, и новинарката Татјана Кенеди Шлосберг, родена во 1990 година. Иако пораснале далеку од рефлекторите, тој повремено објавува нивни фотографии на социјалните мрежи. Така, во 2016 година на Инстаграм објави фотографија со целото свое семејство.
„Ги сакаме нашите ранци, се сакаме едни со други до крај“, напиша под фотографијата на која сите се со деловна облека и ранци на грб.
Во својот стан држи свежо цвеќе (омилени му се каранфилите), а својата претежно безбојна гардероба ја припишува на песната на Џони Кеш „Man in Black“, пишува „Вог“.
Шлосберг извесно време живеел во Јапонија, каде што неговата мајка била амбасадорка на САД меѓу 2013 и 2017 година. Таму се преселил по дипломирањето на Јејл во 2015 година. Во Јапонија се фокусирал на јапонската историја и работел во компанија за дестилерија „Сантори“.
Активен е и на ТикТок, каде што привлекува многу внимание.


