Сателитска снимка на погодени објекти со ирански ракети - Извор Нова.рс.

Кои цели се најдоа на нишан на иранските ракети на Блискиот Исток?

Најмалку 17 американски воени и дипломатски објекти на Блискиот Исток се погодени а подоцна и оштетени за време на војната меѓу САД и Иран, според анализа заснована на сателитски снимки и други достапни податоци. Нападите се случија откако Иран одговори на американско-израелските напади на негова територија, пишува Нова.рс.

Како што наведува медиумот Иран лансираше илјадници беспилотни летала и ракети кон американски цели низ регионот изминативе денови. Повеќето од ракетите беа пресретнати од американските и сојузничките сили, но најмалку 11 американски воени бази или инсталации беа оштетени.

Погодените локации вклучуваа американски бази во Саудиска Арабија, Кувајт, Катар, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Јордан и Ирак. Ракетите и дроновите, исто така, погодија критична инфраструктура, меѓу кои и згради, комуникациски системи како и радарски инсталации.

Сателитските снимки покажуваат обемна штета на некои бази. На првиот ден од конфликтот, на 28 февруари, Иран нанесе штета на неколку американски воени објекти, вклучувајќи ја воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија, потоа и „Али Ал Салем“ и „Камп Буринг“ во Кувајт, како и „Ал Удеид“ во Катар, најголемата американска база на Блискиот Исток.

Во еден напад, дрон погоди објект во Порт Шуаиба, Кувајт, при што загинаа шест американски војници, додека друг војник беше убиен во одделен напад врз американска база во Саудиска Арабија. Вкупниот број на американски војници според американски извори кои се убиени во тие напади се искачи на седум, соопшти Пентагон.

Материјалната штета е обемна. Само нападот врз седиштето на Петтата флота на американската морнарица во Бахреин се проценува дека чинел околу 200 милиони долари.

Иран конкретно ги таргетираше системите за воздушна одбрана и радарските станици што ги штитат интересите на САД и сојузниците во регионот. Меѓу погодените објекти беа радарите поврзани со системот ТХААД, кој е дизајниран да следи и пресретнува ракети со долг дострел. На едно место во Јордан, сателитските снимки покажуваат сериозни оштетувања на радарската опрема, од кои секоја може да чини до половина милијарда долари.

Оштетен е и голем радар за долг дострел во Катар, вреден 1,1 милијарда долари, кој покрива површина од околу 4.800 километри.

Покрај воените цели, Иран нападна и американски дипломатски објекти, вклучувајќи го конзулатот во Дубаи и амбасадите во Кувајт и Ријад, предизвикувајќи нивно привремено затворање. Никој не беше повреден во тие напади, наведува медиумот.

Интензитетот на иранските напади се намали од првите денови од војната, каде бројот на истрелани балистички ракети исто така е намален за околу 90 проценти, слично е и со нападите со беспилотни летала каде тие се намалени за 83 проценти. Сепак, како што наведува порталот, нападите врз американски цели во регионот продолжуваат да се случуваат повремено.

Американските воени аналитичари веруваат дека поправката на оштетените радари и комуникациска опрема ќе биде сложена и скапа, но тие проценуваат дека вкупните капацитети на американската војска во регионот веројатно нема да бидат сериозно компромитирани, бидејќи САД имаат повеќе паралелни системи за собирање разузнавачки информации и тоа од копно, воздух но и од вселена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот