Кога Холивуд би имал кралица, тоа би била таа, не се мажела и немала деца, а се повлекла на врвот на славата

Многумина ја памтат по широката насмевка и ведрина, но изгледа дека тоа било само слика за јавноста. Била осамена и депресивна, и многу се плашела од критики.

Една од најпрочуените убавици од филмското платно, успеа од себе да направи и најтаинствена ѕвезда на сите времиња. Нејзиното измислено презиме на норвешки би значело „нимфа“, а таа самата стана речиси митска фигура на 20 век, кога на врвот на славата се повлече од јавниот живот.

профимедиа

Грета Гарбо е родена во 1905., како Грета Ловиса Густафсон, во работничко семејство во Стокхолм. Родителите Ана Ловиса и Карл Алфред Густафсон биле многу сиромашни. Грета детството го минала во ладниот стан во предградие на Стокхолм. Како дете, сонувала да стане глумица. Училиштето не го сакала многу, ама многу рано го засакала театарот. По завршување на основното училиште со 13 години Грета, како и многу други деца од работнички семејства во тоа време, не го продолжила школувањето. Подоцна признала дека заради тоа имала комплекс на пониска вредност.Во текот на зимата, 1919 година, шпанскиот грип кој косел низ Европа стигнал во Стокхолм. Таткото на Грета се разболел, престанал да оди на работа и наскоро работата ја загубил. Грета останала дома да се грижи за него. Следната 1920 година таткото умрел. Истата година Грета се вработила, прво како помошничка во берберница, а потоа како работничка во стоковна куќа на одделението за шапки. Набрзо нејзиното лице се нашло на страниците на каталогот на оваа стоковна куќа, а потоа и во рекламите.

Веќе во 1922 година ја забележал режисерот Ерик Артур Петшлер кој ѝ дал улога во својот краток филм „Питер скитникот“. Сонот да стане глумица не ја напуштил, а во септември добила стипендија за театарска академија на која од самиот почеток и предвидувале успешна кариера, иако имала само шеснаесет години.

профимедиа

Отскочната даска во кариерата на Грета, тогаш Густафсон, секако било познанството со прочуениот режисер Морис Стилер, кој во 1924 година и дал главна улога во својот филм, филмска адаптација на роман награден со Нобелова награда. Стилер станал ментор на Грета, ја подучувал, сметајќи ја за глумица која ќе остави печат. Се смета дека токму и Стилер и го смислил нејзиното ново име, Грета Гарбо, сметајќи дека Густафсон како презиме не поминува за меѓународна кариера. По успехот на првиот заеднички филм, Стилер и Гарбо заминале во Холивуд, а студиото МГМ потпишало договор со Грета.

Во следните години Грета снимила уште 8 филмови, кои и донеле и успех и профит. Во три филма се појавила заедно со Џон Гилберт, тогаш многу популарен глумец, а нивниот еротски спој од филмското платно се префрлил и во реалниот живот.

Иако Грета Гарбо стекнала огромна популарност во филмот, студиото МГМ стравувало дека нејзиниот шветски акцент ќе пречи во звучниот филм, и ова минување на нов филм го одложувале што е можно повеќе. Гарбо својот последен нем филм „Бакнеж“ го снимила во 1929 година. Веќе во овој период почнала да поставува специфични услови на снимање, не дозволувала на сетовите каде што таа глуми да доаѓаат посетители, дури ни технички персонал.

Првиот звучен филм „Ана Кристи“ бил рекламиран со слоганот „Гарбо зборува!“. Јасно е дека оваа глумица без големи потешкотии преминала на новата филмска технологија. Оваа улога и нејзината прва реченица во филмот влегле во филмската историја, а на Грета Гарбо ѝ го донеле првиот Оскар. Истата година е номинирана и за улогата во филмот „Романса”.

профимедиа

После уште два филма, Грета ги добила своите две најзначајни улоги кои ја вивнале меѓу ѕвездите. Првата е улогата на Мата Хари во истоимениот филм, во 1931, а втората во филмот „Гранд хотел“ каде глуми руска балерина, во 1932 година.

По добивањето на Оскар за овие филмови, Гарбо станала апсолутно најбарана и најплатена ѕвезда, без која ниту еден продуцент не го гледа својот филм. Грета Гарбо остварила антологиски улоги во филмовите „Ана Каренина” и „Дама со камелии“ за кои многу критичари тврдеа дека се нејзина најдобра улога, а и сама најмногу го сакала тој филм.

По неуспехот на филмот „Жена со две лица“ во 1941, Грета Гарбо се повлекла од филмот, а со тоа и од јавниот живот. Во текот на 50-те добила американско државјанство и си купила стан на Менхетен каде го минувала остатокот од животот, често шетајќи по улиците на Њујорк со големи очила за сонце.

Додека била активна на филмот создала еден вид на мистерија околу себе, не давала интервјуа, ниту автограми, а не се појавувала ни на премиерите. Нејзиниот љубовен живот исто така бил прекриен со тајни, иако многу се спекулирало околу наводната бисексуалност.

Грета Гарбо до крајот на животот останала голема дама, обожавани заради својата убавина, интелигенција и талент, а филмовите во кои глумела и денес се предмет на воодушевувања и истражувања. Грета Гарбо секако е глумица која го обележила златното време на Холивуд, а Орсон Велс рекол – „кога Холивуд би имал кралица, тоа би била Грета Гарбо.”

Една од најславните глумици на сите времиња, изгледа била длабоко несреќна, барем така може да се заклучи од нејзините писма. Многумина ја памтат по широката насмевка и ведрина, но изгледа дека тоа било само слика за јавноста. Била осамена и депресивна, и многу се плашела од критики. Го мразела јавниот живот и сакала да живее во сенка.

профимедиа

„Речиси секогаш сум сама, осамена, разговарам со самата себе. Одам до плажата, ќе прошетам и тоа ќе ме развесели. Тоа е единствена работа која ме весели“, пишувало во едно од писмата на шведската глумица упатени до нејзината пријателка шветската грофица Марти Вочмејстер.

Грета Гарбо умрела во Њујорк на 15 април 1990 во 84-та година од својот живот од воспаление на белите дробови. Била кремирана и нејзината пепел во 1999 била пренесена на гробиштата во близина на Стокхолм.

Никогаш не се мажела ниту имала деца, а големото богатство кое го стекнала за време на животот го оставила во наследство на својата внука Греј Рисфилд.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот