Коалицијата на ФПО и ОВП за „Искрено управување со Австрија“ носи опасен ризик за ЕУ
Иако слободарите и народњаците споделуваат слични ставови за многу прашања, темите за Европската Унија и за Украина би можеле да предизвикаат сериозни конфликти
По повеќемесечни преговори меѓу Австриската народна партија (ОВП), Слободарската партија (ФПО) и НЕОС, формирањето на новата влада во Австрија би можело да заврши побрзо од очекуваното. Иако ФПО и ОВП се блиски за многу прашања, клучните разлики во буџетската политика, пристапот кон Европската Унија и кон меѓународните прашања укажуваат на потенцијални кризи. Успехот на оваа коалиција ќе зависи од способноста на лидерите да ги премостат идеолошките разлики и да најдат заеднички јазик во интерес на стабилноста на Австрија.
Препорачано
ФПО во својата програма става акцент на ослободување на економијата од бирократија и регулативи, што се совпаѓа со долгорочните цели на ОВП. Двете партнери се стремат кон зајакнување на австриската економија, но планираат различни пристапи.
ФПО предлага намалување на придонесите за плати и данокот на добивка за претпријатијата, во согласност со мотото „Трудот треба да се исплати“. Ова вклучува ослободување на бонусите за вработените од данок, додатоци за прекувремена работа, бонуси за полно работно време и можност за работа по пензионирањето без данок. Реформата на надоместоците за невработеност, исто така, предвидува воведување на дегресивен систем – намалување на надоместоците со текот на времето.
Што со дефицитот?
Нема одговор, сепак, за клучното прашање: како ќе се надомести буџетскиот дефицит? Една од идеите за санација на буџетот е укинување на климатскиот бонус и данокот за јаглеродни емисии, со дополнителни кратења на субвенциите за заштита на животната средина кои беа воведени за време на коалицијата на ОВП со Зелените. ФПО предлага и намалување на социјалните надоместоци, особено за мигрантите, додека економските експерти предупредуваат дека овие мерки нема да бидат доволни.
ФПО инсистира на повлекување на Австрија од европскиот систем за ракетна одбрана „Скајшилд““, надевајќи се дека така ќе ослободи буџетски ресурси. Оваа стратегија сепак е спорна – проектот сè уште не е финансиран, а планираните 2,5 милијарди евра за армијата претставуваат еднократна инвестиција, без долгорочни заштеди. ОВП би можела да најде компромис, бидејќи проектот на ниво на ЕУ се одвива бавно.
Конфликти за ЕУ и Украина
За прашањата за безбедност и миграција, политиките на ФПО и на ОВП се речиси целосно усогласени. Планираат проширување на овластувањата на полицијата, борба против „политичкиот ислам“, построги правила за интеграција и намалување на социјалните надоместоци за оние што ги прекршуваат. На маса се и забрани за носење шамии, додека решенијата за миграциските центри во трети земји зависат од меѓународна соработка.
Иако слободарите и народњаците споделуваат слични ставови за многу прашања, темите за Европската Унија и за Украина би можеле да предизвикаат сериозни конфликти. ФПО се залага за прекин на финансиската помош за Украина, а ОВП останува посветена на поддршката за Киев. Слободарите, исто така, изразуваат евроскептични ставови и отворено говорат за можноста за раздружување од ЕУ, што е во целосна спротивност со проевропската насока на ОВП.
Претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен, од лидерот на ФПО, Херберт Кикл, бара јасно определување за ЕУ – точка што би можела да предизвика сериозни тензии во потенцијалната коалиција.
Фишлер против сино-црна коалиција
Поранешниот еврокомесар и долгогодишен член на Австриската народна партија, Франц Фишлер, остро ја критикуваше можноста за формирање „синo-црна“ коалиција со ФПO. Во изјава за националното радио, Фишлер изрази загриженост поради потенцијалниот премиерски мандат на лидерот на ФПО, Херберт Кикл, истакнувајќи дека тоа може да го загрози угледот на Австрија на меѓународната сцена.
– Многу одлуки во Европскиот совет се носат едногласно. Тоа значи дека еден човек, Херберт Кикл, може да има решавачко влијание врз иднината на Европската Унија, што е многу ризично – предупреди Фишлер.
Според него, евентуалната влада на ФПO и OВП може негативно да влијае врз индустриската политика и меѓународниот пазар. Фишлер исто така ја критикуваше сопствената партија, нагласувајќи дека „веќе е нанесена значителна штета“ и дека „внимателно ќе ги следи преговорите“. Фишлер останува на својата претходна изјава дека ќе ја напушти OВП ако Кикл стане канцелар на Австрија.


