Коалиција Маргини: Владата ги отфрли препораките од ОН за заштита на правата на ЛГБТИК луѓето во земјава

ЛГБТИ знаме / Фото EPA-EFE/ROLEX DELA PENA

Коалицијата Маргини изразува загриженост за исходот од 4. циклус на Универзалниот периодичен преглед во рамки на Обединетите нации за Македонија. Тие реагираат дека иако неколку препораки биле поддржани, вознемирувачки е тоа што клучните препораки за преземање конкретни чекори за заштита на ЛГБТИК луѓето се отфрлени.

-Особено загрижува отфрлањето на препораките кои државата ги доби од Исланд и Белгија за вклучување на сеопфатна дефиниција за говор на омраза во Кривичниот законик, која експлицитно би ги препознала сексуалната ориентација и родовиот идентитет како заштитени категории. Иако го поздравуваме поддржувањето на препораките од САД и Уругвај за засилување на спроведувањето на законите за родово-базирано насилство и дискриминација, сметаме дека овие напори нема да бидат доволни без експлицитно препознавање на говорот на омраза во домашното законодавство – се наведува во соопштението.

Од Коалицијата информираат дека државата ги отфрлила и препораките од Германија, Исланд и Кралството на Холандија за воведување на брза, транспарентна и пристапна процедура за правно признавање на родот врз принципот на самоопределување.

-Покрај тоа што ваквата одлука на Владата не ги зема предвид и не се справува со надминување на бариерите со кои се соочени трансродовите лица при пристапот до заштита, таа е и спротивна на пресудата од 2019 година на Европскиот суд за човекови права во случајот на X v. North Macedonia која ја обврзува државата да обезбеди процедура за правно признавање на родот – додаваат од Маргини.

Иако дел од препораките кои повикаа за итно усвојување на Законот за родова еднаквост беа поддржани, од Коалицијата Маргини велат дека загрижува фактот што државата ја отфрли препораката на Германија која беше експлицитна во насоките дека овој закон треба да биде во согласност со стандардите на Европската унија и Обединетите нации.

-Дополнително, Комитетот за тортура при Обедините нации неодамна исто така ја повика државата да преземе ефективни мерки за брзо и непристрасно справување со насилството врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет. Комитетот исто така побара од државата воведување на дефиниција за говор на омраза во Кривичниот законик. Овој комитет исто така изрази загриженост за зголемените ризици со кои се соочуваат ЛГБТИК затворениците, посочувајќи дека недостатокот на напредок во проценувањето на овие ризици ја отежнува превенцијата на меѓузатвореничкото насилство – се вели во соопштението.

Коалицијата Маргини ја повика Владата да ги испочитува и спроведе препораките од страна на земјите-членки и експертските тела при Обединетите нации, да ги усогласи домашните политики со меѓународните стандарди за човекови права и да осигура дека сите лица, без разлика на нивната сексуална ориентација или родов идентитет, имаат еднакви права и заштита.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот