
Книгата „Милчо за Манчевски“ приредена од Атанас Чупоски открива аспекти од животот и работата на Милчо Манчевски
Во Кинотеката на Македонија на 22 јануари се одржа промоција на книгата „Милчо за Манчевски“, чиј приредувач е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, а книгата е резултат на 14-часовно интервју на Чупоски со режисерот Милчо Манчевски.
Препорачано
Идејата за книгата „Милчо за Манчевски“ се појавила сосема спонтано, а првичната цел била да се направи кратко 10-минутно интервју за последниот филм „Кајмак“ со режисерот Милчо Манчевски. Откако бил потврден терминот за интервјуто, се појавила идејата да се направи архивско интервју за потребите на Кинотеката.
Такви архивски интервјуа досега биле направени со повеќе значајни македонски филмски автори што оставиле трага во македонската кинематографија, како Трајче Попов, Бранко Гапо и други, а во овој период се снима интервју и со Столе Попов. Откако добиле согласност за архивско интервју од Манчевски, почнале снимањата, кои траеле речиси два месеца и биле направени околу 14 часа тонски и видеоматеријал.
Практично, книгата е создадена со транскрипција на тонскиот материјал од архивското интервју. Целта на книгата не била да се направи автобиографија на Манчевски, бидејќи тој самиот може да си напише доколку тоа го сака, туку е биографија и филмографија на Манчевски според прашањата што ги поставувал приредувачот Атанас Чупоски.
– Книгата претставува обид да се опфатат многубројните аспекти од животот и работата на Милчо Манчевски, еден од нашите најнаградувани и во светски рамки најреномирани македонски филмски автори – почнувајќи од деновите на неговата младост поминати во родното Скопје па до денес – раниот интерес за театарот и филмот, студиите на филмска академија во САД, почетоците на филмската кариера, педагошката дејност во Њујорк, односот кон политиката и политичарите итн. – и сето тоа надополнето со исцрпна анализа на начинот на продукција, условите за работа, реализацијата, соработниците, режисерската експликација и филмолошката анализа, дистрибуцијата, фестивалите, успехот или неуспехот на седумте негови долгометражни играни филмови и сите останати кусометражни филмови, како и други пројави на неговата творечка личност – посочува Чупоски во предговорот кон книгата.

Промотори на изданието беа м-р Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, проф. д-р Славица Србиновска и филмскиот критичар Златко Ѓелески, а секој од свој агол направи осврт кон книгата и кон филмското творештво на Милчо Манчевски. Татјана Ќурчинска-Пепељугоска се задржа на личните контакти и соработка со Манчевски во однос на промоцијата и дистрибуцијата на неговите филмови, Славица Србиновска направи компаративен преглед низ поглавјата на книгата, додека Златко Ѓелески повлече вертикала низ целокупното творештво на режисерот Манчевски, потсетувајќи и на филмови што Манчевски сакал, но не успеал да ги реализира.
Книгата е издание на Кинотеката на Македонија во период кога директор е Бошко Грујоски, уредник на изданието е Петар Волнаровски, а лектор е Сузана В. Спасовска. Екипата што го реализираше интервјуто се состоеше од проф. м-р Горан Наумовски, како стручен технички консултант, снимателите Илија Павлов и Филип Лафазановски, и Бојан Станишиќ како организатор и логистичка поддршка во период кога директор на Кинотеката беше Владимир Ангелов. Обемната работа на транскрипција на целото интервју ја завршија соработниците Милка Капсарова-Зоксимовска, Сузана Смилеска, Александар Василевски, Петранка Митровска и Силвана Јовановска.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 265, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.01.2025)