Книга на месецот во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје е „Урбани легенди“ од Васко Марковски

Покана за настанот во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје

По повод празникот „13 Ноември“, како и по повод својот 78. роденден, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје целиот месец ноември го посветува на автори и дела од и за Скопје. Токму затоа и во кампањата „Читаме современи македонски автори“, книга на месецот е монографијата „Урбани легенди“ од современиот хроничар на градот – Васко Марковски.

Разговор со Васко Марковски, автор на книгата на месецот „Урбани легенди“, ќе се одржи на 7 ноември, со почеток во 19 часот, во спомен-собата „Т’га за југ“ на библиотеката „Браќа Миладиновци“.

– Авторот на книгата опфаќа еден широк временски период во истражувањата на урбаните феномени, во неа се споменуваат личности и настани од шеесетите години, па сѐ до 2000 година, кога се затвора култното скопско собиралиште „Зи-Зи (Топ)“. Оние кои го доживеале тој период (или периоди) од животот на градот не без возбуда ќе си ги обноват спомените, а помладите генерации ќе имаат можност, на еден автентичен начин, преку личните сведочења на авторот, но и другите сведоци на времето претставено во оваа книга, да се потсетат на традицијата која самата по себе е влезена веќе во легендите – напиша во предговорот за првото издание на книгата, легендарниот хроничар на Скопје, Данило Коцевски.

Васко Марковски е туристички водич, патеписец и литературен преведувач. Завршил студии по турски јазик и книжевност со чешки јазик и книжевност. Дваесетина години работел како новинар во повеќе медиуми (радио, печат и мултимедија).

Во периодот од 2008-2011 бил главен и одговорен уредник на месечникот „Free time guide – Macedonia“, а за неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година.

Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“, на монографијата „Урбани легенди“, збирката репортажи „Непозната Македонија“ и збирката поезија „Скопски улици“. Реализирал изложба на фотографии „Комши камерџик“, од турски на македонски јазик превел повеќе дела, меѓу кои и сто песни од познатиот турски поет Орхан Вели („Риба во шишето ракија“, „Антолог“, 2014).

Разговорот со Васко Марковски ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ е промоција на македонските писатели и издавачи, но и силна поддршка на македонскиот јазик. Настанот е дел од богатата програма на Град Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот