Ќе се одгасува Вардариште или на депонијата ќе се гради гасна централа?
Според техничкото решение, ќе се изведат 22 бунари со прецизни координати за мерење на количината на гас – како почетна, истражувачка фаза. Одлуката за втора фаза ќе зависи од резултатите; доколку има доволно гас, ќе се постави соодветна централа за негово искористување – информираа од „Стоп за Вардариште“.
На старата градска депонија Вардариште од денеска повторно ќе има 24-часовни патроли на дежурни инспектори на терен, а во текот на наредните недели треба да се спроведе хумано преселување и згрижување на населението кое живее на депонијата. Ова им било ветено на граѓаните од „Стоп за Вардариште“ кои вчера имале состанок во Град Скопје каде се разговарало за последните инциденти на Вардариште, како и за активностите кои досега биле преземени, но и за следните чекори што се планираат.
Препорачано
– Посочивме дека повторно се носи отпад со камиони. Ветено е блокирање на приодите со ровови по први мај и засилен теренски надзор од страна на инспекторите. Во близина на ЈП „Лајка“ ќе биде поставена заштитна ограда како дополнителна мерка за спречување на влез во Вардариште – информираа од „Стоп за Вардариште“, од каде им било најавено дека на просторот ќе бидат поставени и дополнителни камери за видео надзор.
Притоа, како што посочуваат оттаму, од Град Скопје им ветиле дека ќе одржуваат редовна комуникација со граѓаните и дека ќе ги информираат за сите чекори за целиот процес да биде транспарентен.
Во однос на започнувањето на процесот за одгасување на депонијата кој градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го најави пред две недели, веднаш откако граѓаните алармираа дека повторно имало палење на Вардариште, на вчерашниот состанок било речено дека се вршат подготовки и се земаат мостри.
Извршени се подготовки и ископани се два бунара од кои се земени мостри, испратени на анализа во акредитираната лабораторија на Универзитет „Гоце Делчев“. Резултатите ќе бидат јавно објавени. Почетокот на одгасувањето се очекува најдоцна до август, можно и порано. Според техничкото решение, ќе се изведат 22 бунари со прецизни координати за мерење на количината на гас – како почетна, истражувачка фаза. Одлуката за втора фаза ќе зависи од резултатите; доколку има доволно гас, ќе се постави соодветна централа за негово искористување – информираа од „Стоп за Вардариште“.
Информацијата дека втората фаза ќе зависи од тоа колку гас има на депонијата и евентуалната изградба на централа за да се искористи тој гас е нов момент и нова можност која досега градоначалникот не ја спомнал во јавноста. За каква централа се размислува и за што би се користел тој гас, очекуваме одговор од Град Скопје.
Неодамна, Ѓорѓиевски објави дека започнува процесот за одгасувањето, по што депонијата ќе стане парк и дека се мапирани 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови кои со години се наталожуваа на ова место.
Од сите бушотини ќе се земаат примероци кои ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите. Паралелно, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата – соопшти Ѓорѓиевски.
На „Вардариште“ се дупчи и ќе се одгасува депонијата: Која фирма го прави тоа и за колку пари?
На прашањето која фирма го извршила мапирањето бунарите, која фирма ги прави бушотините и кога и како е избрана, од Градот одговорија дека се направени пробни бушотини со фирма која е ангажирана како подизведувач.
Одгаснувањето е дел од поширок проект кој во моментов се наоѓа во својата почетна фаза. Во таа насока, се спроведуваат пробни бушотини, чии резултати ќе претставуваат клучна основа за изработка на финалното проектно решение. Во рамки на првата фаза, за нивна реализација е ангажиран подизведувач со веќе склучен договор, компанијата „Битем“, избрана согласно важечките постапки за јавни набавки, преку носителот на проектот ЈП „Улици и патишта“ – посочија од Град Скопје.
Оттаму прецизираа дека по комплетирањето на оваа фаза, ќе следува распишување на тендер за избор на изведувач за втората фаза, која предвидува изработка на бушотини за отплинување со соодветни шахти.
Целиот процес е во тек и се реализира по јасно утврдена динамика во две фази, при што времетраењето и конечниот рок за завршување директно зависат од нивната успешна и навремена имплементација – одговорија од Градот.
Скопјани, а особено жителите од населбите лоцирани во близина на депонијата со години бараат трајно решение за старата градска депонија, каде честопати се случуваат пожари, што пак предизвикува дополнително загадување на околината.


