Ќе го реализира ли ветувањето градоначалникот Стевчо Јакимовски? Прво пари во општинската каса за 2020, потоа бесплатна обука за возачка дозвола

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Доколку се обезбедат средства во Буџетот, тогаш секој жител на Карпош што ќе наполни 18 години ќе може полесно да дојде до возачка дозвола, односно да не размислува колку би го чинеле трошоците за обука и полагање и дали тоа може да си го дозволи со семејниот буџет.

Ветувањето, кое градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски го даде во предизборната кампања дека на младите карпошани ќе им овозможи бесплатна обука и полагање за возачка дозвола, треба да се реализираат наредната година, доколку оваа иницијатива ја препознаат и поддржат советниците во Советот на Општина Карпош.

Доколку се обезбедат средства во Буџетот, тогаш секој жител на Карпош што ќе наполни 18 години ќе може полесно да дојде до возачка дозвола, односно да не размислува колку би го чинеле трошоците за обука и дали тоа може да си го дозволи со семејниот буџет.

-Проектот за поддршка на младите од Општина Карпош, кој опфаќа покривање на трошоците за обука и полагање возачки испит, ќе биде дел од програмата за работа во 2022 година за чија реализација треба да бидат и одобрени средства со Буџетот на општината за следната година. Очекуваме дека советниците ќе ја поддржат иницијативата на градоначалникот и дека во најскоро време ќе ја изгласаат – велат од Општина Карпош.

Во врска со начинот на реализација на проектот, дали ќе може обуката да спроведе во било која автошкола или ќе биде избрана една, од Општината велат дека сѐ уште се бара најсоодветно решение. Според нив, се разгледуваат повеќе можности во однос на тоа дали ќе бидат ангажирани автошколи или општината ќе вработи инструктори кои ќе ја спроведуваат обуката на кандидатите.

-Свесни сме дека полагањето возачки испит сериозно го оптоварува буџетот на секое семејство, особено сега по најавите дека ќе следува покачување на цените, па затоа со овој проект сакаме најпрво да им излеземе во пресрет на родителите, бабите и дедовците, а потоа да им помогнеме и на младите луѓе да бидат помобилни и полесно да зачекорат во светот на повозрасните – велат од Карпош.

Ова ветување на градоначалникот Јакимовски со која Општината треба да им помогне на семејствата во остварувањето на овој значаен чекор за младите луѓе, тој го даде и во кампањата за локалните избори во 2017 година, кога не успеа да го освои градоначалничкиот мандат. Сега, откако повторно стана прв човек на Општина Карпош, граѓаните ќе имаат можност да се уверат дали ветувањата што ги дал во трката за два градоначалнички мандата, ќе бидат реализирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот