Судење Палевски / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Кешишев со нова изјава до судот го „амнестира“ Палчо, нo не кажува кој пукал

Еден од обвинетите за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот, Панче Жежовски, Влатко Кешишев кој според обвинението ги откри местата на коишто се закопани жртвите достави изјава до судот со која го менува тврдењето дека првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо пукал кон жртвите.

Оваа изјава Кешишев ја достави до судијата кој го води случајот, Ивица Стефановски, а тој ја достави оваа изјава до странките во постапката.

Како што дознаваме, Кешишев во неговата изјава тврди дека дента на 22 и 27 ноември кога беа убиени Вања и Панче, Палчо не бил со нив, туку спиел во штабот на спрат во неговата соба.

Понатаму пишува дека згрешил што го послушал Велибор Манев, еден од обвинетите за кој Палевски со писмо до јавноста тврдеше дека тој е извршител на убиствата.
На местото на убиствата, според Кешишев, во Скопје и Велес бил тој, Велибор и Боре Видевски, но не пишува кој пукал.

Но, откако Палчо заминал на пат, Велибор дошол во штабот и со притисок и голема паника ги натерал на полицијата да и кажат дека Палчо организирал се и пукал.
Неговиот адвокат, Игор Ефремов во изјава за медиумите рече дека и тој дознал за неговата изјава на судењето и дека не ја коментира содржината.

– Не знам дали ракописот е негов, дали своеволно ја пишувал или не сакам да помислам дека е под некоја присилба или закана. Прво ќе разговарам со него и дополнително ќе ја коментирам, изјави адвокатот на Кешишев.

На вчерашното судење за убиствата сведочеше, Стефан Димковски кој го возел Палчо од Белград за Турција. Според неговите тврдења, Палчо за тоа што се случува со убиствата во Македонија го дознал на 3 декември кога биле на доручек во Баликесир.

Бил блед и на Димковски му рекол дека „му го лепат“ случајот со исчезнувањето на девојчето.

Размислувал да бара политички азил во Белорусија и рекол „Не знам што ми смислил Оливер Спасовски“.

Димковски му рекол дека треба да се врати и да расчисти со тоа. Но, тогаш Димковски не знаел дека Палевски е таргет, тоа го дознал отпосле кога тргнал да се враќа од Турција и преседнал по пат во хотел и тогаш почнале да му испраќаат линкови и изјави од тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Палевски на 1 декември го замолил Димковски, кој бил член на Десна, да го земе од Белград и да го врати во Скопје. Но, кога тргнале да се враќаат накај Скопје планот се променил и Палевски му кажал дека треба да застанат во Ниш да се види со некој човек.

-Кога се сместивме во хотелот во Ниш ми кажа дека треба да оди во Турција. Му стигнало потврда за прегледи за операција за кичмата – рече Димковски.

Па од Ниш тргнале накај Турција каде наводно Палевски требало да оди на операција во Истанбул, која долго време ја закажувал.
Друг сведок, поранешен полицаец, Ламбе Бучков тврдеше дека Палчо му должел 15 илјади евра.

Се знаеле од 2011, 2012 кога Палевски знаел дека сведокот имал имотен пријател и побарал од него да ја доврши зградата Тифани, во центарот на Скопје, бидејќи Палевски немал пари.

Потоа продолжиле да комуницираат откако Палчо ги понудил локациите што ги имал земено од општина Центар за другарот да гради.

-Беше направен договор, на нотар му беше даден аванс од 15 илјади евра – рече сведокот.

Но, не добиле дозвола за градба,  а парите никогаш не ги вратил. Бидејќи парите биле преку него земени, Бучков зел кредит да му ги врати пари на пријателот.

Од септември 2022 година секојдневно му ги барал парите, а Палчо велел дека чека некои пари да му ги вратат.

-Имаше многу пари, но почна колата да оди надолу. Почнаа да му рушат, мислам политичката елита – рече Бучков.

Сведочеше и Ерол Османи кој кажа дека на 22 декември, кога се случи убиството на Жежовски, иако Палчо тврдеше дека бил кај пријател да поправа котел за пелети, Османи тврдеше дека кај него бил на 28 декември и тогаш му го сервисирал котелот.

Тоа е еден ден по убиството на Вања, а за претходниот ден рекол дека бил настинат.

Судењето продолжува со нови сведоци предложени од Обвинителството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот