Ќе ги отстрани ли некој искршените трафики крај „Партизанска“ во Карпош?

Фото: Слободен печат

Напуштени, искршени и заборавени од надлежните се повеќето трафики на автобуските постојки покрај булеварот „Партизански одреди“ на територијата на Општина Карпош. Од нив висат остатоци од стакло, преполни се со ѓубре и освен што пружаат грда слика, тие се опасни и за минувачите кои во нивна близина чекаат автобус.

-Живеам во зградата кај „Симпо“ во Карпош 1 и секојдневно имам можност да „уживам“ во искршената трафика. Порано тука имаше сендвичарница, но сега објектот со години е напуштен. Видете како изгледа? Срамота! Никој да се сети да го тргне тоа од тука. Стаклата се искршени, валкано е. Не ми е јасно како никому од надлежните тоа не му пречи? И не е само оваа трафика. Ако тргнете кон Карпош 4 ќе видите дека речиси на секоја автобуска станица се повторува истото – вели жител на Карпош.

Фото: Слободен печат

Токму руинираните времени објекти беа причина зошто долго време не се реновираше автобуската постојка кај „Мал одмор“. Објаснувањето од ЈСП беше дека чекаат локалните власти да го расчистат просторот од времените објекти.Тоа не се случи, па јавното сообраќајно претпријатие сепак ја тргна пластичната печурка од постојката и ја замени со нови и пристојно автобуско стојалиште.

Од Општина Карпош тврдат дека трафиките покрај булеварот не се нивна надлежност.

– Трафиките и сите времени објекти долж „Партизанска“ се во надлежност на Град Скопје. ЈП „Улици и патишта“, согласно Програмата на Град Скопје, веќе почна со нивно отстранување. Такви објекти се веќе отстранети кај Сити Мол, а акцијата на отстранување продолжува и натаму- велат од Карпош.

Од Градот нема одговор  што планираат и кога ќе ги отстрануваат старите трафики на автобуските постојки. Останува и нејасно, зошто тие не беа отстранети за време на реконструкциите на булеварот, кои ги започна уште старата градска власт, а ги продолжи актуелнава. Последната реконструкција на „Партизанска“ заврши минатиот месец во делот од булеварот „Осми Септември“  до мостот „Обединети нации“.

Трафиките и другите времени објекти покрај булеварот на територијата на Општина Центар беа отстранети уште пред седум – осум години. Се отстрануваа по налог на Општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот