Ќе боли, ама датум ќе има

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Датум можеби сѐ уште нема, но ќе има. Се очекува тој да биде утврден на денот на усвојувањето на преговарачката рамка за време на состанокот на Советот на ЕУ. Канцеларка Ангела Меркел е решена тоа да се случи за време на германското претседателство со Унијата до крајот на годинава, и таа речиси експлицитно го најавува тоа. Премногу напор и залагање од страна на Германија, но и на други европски држави е вложено за Македонија да ја одржи заедничката меѓувладина комисија како знак за почеток на преговорите, за тоа да го упоропастат „ирационалните“ односи меѓу Бугарија и Македонија. Таа вели „сеуште има потреба од преговори меѓу Бугарија и Македонија“, што потврдува дека двете страни бараат компромисно решение, што е знак дека дури и бугарската страна и покрај јавните максималистички барања, зад затворени врати е подготвена на решение во кое ќе има отстапки. Ете дури и Екатерина се замолче!

Но без отстапки не е можно да се реши деценискиот спор меѓу двете држави кој ги обременува и односите меѓу двата народа. Се разбира дека компромисот што ќе биде прифатен ( ако не, не би бил компромис) ќе боли и во Скопје и во Софија. Но тој ќе ги направи и двете држави по европски со поизвесна иднина. Зошто инаку Бугарија би се откажала од вековната доктрина за „еден народ, еден јазик“ вткаена во свеста на секој Бугарин, само за Македонија да стане членка на ЕУ? За таква Македонија каква што ние ја восприемаме: како држава на Македонците кои говорат македонски јазик, во која го славиме Гоце Делчева како Македонец, а Бугарите ги изучуваме како фашистички окупатор, сигурно не.

Најсреќни би биле Бугарите да ја „пикнат Македонија во ЕУ како држава во која живеат Бугари кои сега можеби се нарекуваат Македонци, но со признание дека некогаш тие биле Бугари кои говорат бугарски дијалект. Дека Гоце Делчев си е чист Бугарин, а дека за време на втората светска војна тие не биле окупатори, туку ослободители.

Од кои од овие според нив „неспорни“ историски факти се подготвени да се откажат тие додека преговараат со нас, ако македонската страна изрично вели дека за идентитетот и за јазикот не преговара.

Дали тоа значи барање комромис во историјата, но во оној дел и на начин што не ја определува идентитетската основа на македонскиот народ. Веројатно, да!
Но за каков компромис сме пак ние подготвени како народ доколку сакаме да бидеме европска држава, членка на ЕУ, еднаква со Бугарија, но и со Грција со Германија, со Франција со сите останати?

Веројатно не очекуваме тоа да се случи со сите наши бескомпромисни атрибути. Каде најмалку би не болело, но не би ја изгубиле „македонштината“?

Се чини дека тоа на некој начин веќе беше најавено од страна на македонскиот премиер Зоран Заев во неодамнешното интервју за бугарската агенција БГНЕС.

А тоа е онаа опција според која Бугарија ќе признае еднаш за секогаш дека ние сме Македонци и дека говориме македонски јазик. Ние ќе се согласиме дека Гоце Делчев се декларирал себе си за Бугарин, а тие дека сепак неговата политичка определба била Македонец. За време на втората светска војна тогашната Бугарска влада како соработник на хитлерова Германија овде воспоставиле фашистичка администрација, но дека кон крајот на војната бугарските вооружени сили се ставиле на страната на антифашистичата алијанса и како такви учествувале во ослободувањето на делови на Македонија. Можеби Македонија како и во договорот со Грција ќе признае дека нема територијални претензии и дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија во однос на македонското малцинство затоа што таа материја ја третираат други меѓународни организации.

Се разбира ова се само лични претпоставки, кои можеби немаат врска со конечниот исход на преговорите, но фактот дека се преговара до последен момент доволно говори дека трите страни се решени да ја завршат работата сега и веднаш со позитивен исход што значи датум за преговори за Македонија до крајот на годинава.

Притисокот е голем кај сите партнери во спорот. За Македонија е исклучително важно да не го испушти моментумот додека е сеуште „топло“ тестото, затоа што одолговлекувањата би донеле нови непредвиливи ризици. За Бугарија е можеби послдена можност да докаже дека за прв пат е на вистинската страна во историјата, за разлика од порано. Таа иако глуми дека и е сеедно затоа што веќе е членка на Унијата за разлика од нас, знае дека е осамена во ова и дека ќе има политички, но и економски последици поради севкупното однесување во рамки на ЕУ.

За Германија е јасно дека и со ова сака да ја покаже детерминираноста кон проширувањето како концепт на стабилност и безбедност на Унијата, но и за Франција која сака да види дека нејзиниот ревидиран принцип на прием на нови членки успешно функционира.

Тик, так, времето бргу тече и наскоро ќе зго знаеме исходот од овој напнат политички трилер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот