Касами посети австриска фабрика за рециклирање на отпад, во Тетово сообраќајниците околу контејнерите преполни со смет
Тетовскиот градоначалник, Биљал Касами ја посети австриската компанија која го презема стопанисувањето со сметот во Тетово од каде изрази верување дека ќе има рециклирање на смет. Делегацијата на Општина Тетово предводена од Касами во австрискиот град Грац ја посетиле компанијата „Саубермахер“ и со претставникот на одборот Ханс Рот, менаџерот на Франк Дикенс и виделе како функционира фабриката за рециклирање на отпад.
Препорачано
„Во рамки на посетата градоначалникот ја посети компанијата за да види одблиску со какви капацитети располага оваа компанија која ќе управува и со отпадот во нашиот град. На средбата беше разгледана работата и активностите што оваа компанија ќе ги реализира во Тетово, за продлабочување на соработката и дефинирање на задачите што произлегуваат од договорот меѓу општината и оваа компанија. Заедно со претставниците на компанијата, делегацијата на Општина Тетово ја посети и фабриката за рециклирање отпад, а се надеваме и веруваме дека во блиска иднина ќе видиме и во Тетово“, истакнал Касами, пренесуваат од Канцеларијата за комуникации и односи со јавноста при Општина Тетово.
Австриската „Саубермахер“ од 1 јануари годинава согласно јавно-приватно партнерство го презема собирањето и складирањето на отпадот од тетовските улици. На 12 јануари најавена е седница на Советот на општината, на чиј дневен ред е усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад територија на Општина Тетово.
И додека се чека странците да менаџираат со отпадот кој беше одложуван во два наврати мини диви депонии се уште го грдат Тетово, а лоша е особено сликата околу контејнерите во Тетово.

Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами минатиот месец уверуваше дека од 1 јануари странска компанија ќе започне со менаџирање на сметот во Тетово.
Како што рече веќе била започната процедурата за преземање на вработените.
Тетово повеќе од една деценија не успеа да го реши проблемот со менаџирањето на сметот. Граѓаните нередовно ги плаќаат сметките, а поголем дел од нив и воопшто не плаќаат. ЈКП Тетово тоне во долгови, а тетовските комуналци се без редовни плати што резултири со валкан град преполн со смет.


