Сагата на тетовските комуналци: Останав без интервенција на трансфузиологија, а лековите за аритмија ги купувам приватно оти немам осигурување

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

По штрајкот кој вработените на Јавното комунално претпријатие Тетово го одржаа минатиот месец, а на кој побараа да има се исплатат заостанатите плати, општината одлучи да им пушти на сметка само една плата.

Но, се уште како што велат тетовските комуналци не им се исплатени плати за три месеци. Поради ваквите доцнења на платите со години, тие се без здравствено осигурување, а претежно се работи за болни и постари луѓи кои работаат на минусни температури и во многу лошиу услови.

„Четири плати ни должеа, сега ни дадоа една плата за осми месец. За деветти, десетти и единаесетти месец нема се уште. Немаме здравствено осигурување, плаќаме приватно се и за лечење во болница. Не ми направија интервенција на трансфузиологија бидејќи немам осигурување, лековите за аритмија ги земам приватно. Син ми работи во фабрика, но жена ми и јас сме без осигурување. Таа е осигурана на мене, мораше да плати 2000 денари за лекови, кои би требало да ги платиме 500 денари. Зедовме плата, дадовме за сметки, а каде е за јадење, каде се трошоци за дома“, изјави Музафер Беџети, вработен во ЈКП Тетово.

Велат дека се смениле повеќе партии во локалната власт, но досега сите од нив имале игнорантски однос кон тетовските комуналци.

„Не сме задоволни од ниедна партија. Беше ДПА, беше ДУИ, а сега е Беса. Од кога сум на работа 25 години не сум задоволен од ниту една партија“, вели Беџети.

Советничката група на ДУИ денеска пред седиштето на Секторот комунална хигиена при ЈКП Тетово, вината за ваквата состојба со доцнењето на платите на тетовските комуналци ја впери во градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Фото: Слободен печат

„Сакаме да ви соопштиме дека пред eдна година на вонредна седница на Советот на општината, на барање на раководството на општината, на Јавното Комунално Претпријатие му беа доделени 25 милиони денари, со цел на работниците да им се исплатат 3-те плати кои претпријатието им ги должи. На таа седница побаравме доказ дека овие средства ќе одат кај работниците, но градоначалникот категорично одби да даде било каков доказ на Советот на општината. Денеска и по една година работниците на ЈКП се заборавени и 3 месеци се без плати и без здравствено осигурување, затоа бараме градоначалникот на општината наместо да шета низ Европа, да излезе и да преземе одговорност и да каже каде завршиле 25-те милиони денари наменети за платите на работниците на ЈКП, бидејќи тој самиот неколку пати доаѓаше овде и им ветуваше дека ке им ги подобри условите за работа и ќе им ги исплати платите. Сега испаѓа дека овие работници кои вршат чесна работа во нашето општество, биле искористени само за кампања, а потоа се забораваат и најлошо е што се трошат средства од општинскиот буџет во име на овие работници, средства кои не одат таму за каде што се наменети, рече Ветон Мурати советник во Општина Тетово од редовите на ДУИ.

Од Општината Тетово најавија дека од 1 месецов менаџирањето со комуналниот смет во градот ќе го преземе словенечка компанија, а претходно сите заостанати плати на тетовските комуналци ќе им бидат исплатени.

Но, ниту словенечка компанија го менаџира сметот во Тетово, ниту пак си исплатени заостанатите плати на вработените во ЈКП Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот