Караваните тргнаа, ветувањата во полн ек – седум кандидати ја почнаа битката „кој ќе се вдоми во Вила Водно“

Вила „Водно“

Македонија денеска и официјално влезe во деновите на кампањата резервирана за претседателските избори. Граѓаните од денес па се до 22 април ќе се изнаслушаат ветувања од седуммината кои се претенденти да се вдомат во Вила Водно. Во меѓу време, после 18 април ќе слушаат и ветувања од сите кандидати за пратеници, во пресрет на парламентарните избори кои ќе се поклопат со вториот круг на претседателските – 8 мај.

Билборди, политички реклами, препукувања, телевизиски дебати, ветувања – ваква ќе биде македонската реалност се до 8 мај. Ќе има пауза само за предизборниот молк во двата циклуси и толку. Потоа оние кои ќе ја добијат довербата од граѓаните, ќе може да почнат со исполнување на ветувањата. Односно, би требало да почнат – дали ќе ги исполнат, за тоа ќе цени јавноста.

Каков претседател и треба на Македонија? Тоа е главното прашање овој период. Меѓу кандидатите има најразлични ветувања, слогани, обиди да се допаднат кај граѓаните. Некои ветуваат влез во ЕУ и тоа до определен рок, други сакаат да ја направат Македонија горда, да и го вратат достоинството, борба против криминалот, корупцијата, Македонија на еднакви граѓани…

„Ако ја добијам вашата доверба и во следните пет години ќе продолжам да работам за плата, а не за проценти, ќе продолжам да ги третирам сите луѓе на еднаков начин независно на кој народ му припаѓаат или за која партија гласаат, ќе продолжам да соработувам и да ги почитувам младите“ истакна во една прилика кандидатот на СДСМ Пендаровски

Кампањата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ ќе се заснова на ветувања за враќање на македонската гордост.

„Може да смените се, стил, многу нешта, но татковина никогаш. Не случајно сме родени во Македонија, енергијата извира одовде и затоа треба да воспоставиме што е можно поцврсти врски со оние кои си заминале, не затоа што сакале, туку оти некој не ги сакал како најдобри. Само така ќе обезбедиме почит секаде во светот“, рече Силјановска Давкова.

Главниот фокус на кандидатите од албанскиот политички блок се уставните измени и влез во ЕУ.  Бујар Османи од ДУИ се промовира како „Европски претседател“, а Арбен Таравари, од коалицијат ВЛЕН пак вети дека ќе бара гаранции за Македонија да продолжи по патот на ЕУ, откако ќе ги усвои уставните измени.

Во трка е и кандидатката на Левица Билјана Ванковска која денеска рече дека нејзината битка ќе се разликувала од останатите противници – таа најави враќање на македонското достоинство.

Максим Димитриевски од ЗНАМ, чиј караван тргна од Крушево вети глас на разумот и обединувањето, заврстување на одбраната и безбедноста, силни институции за заштита на граѓанинот и државата и вклученост и одговорност.

Стевчо Јакимовски од ГРОМ вети дека ќе биде претседател на сите и нема да ги дели граѓаните по етничка и верска припадност . Секој граѓанин, рече,  во мене ќе има свој заштитник.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот