Капка Касабова: Секој писател треба да ја поседува уметноста на слушањето
Издавачката куќа „Или-или“ на 20 август во „Буква“ организираше книжевна средба со писателката Капка Касабова на која беа претставени нејзините две книги преведени на македонски јазик „Кон езерото“ и „Граница“.
Препорачано
Низ разговор со авторката, книгите ги претставија Ана Витанова Рингачева и Александар Маџаровски, а за преведувачките предизвици на нејзините дела зборуваше Бранислав Мирчевски.
На промоцијата, Капка Касабова раскажуваше за своето искуство при пишувањето на книгите. Таа истакна дека ние овде, на Балканот, многу повеќе зборуваме отколку што слушаме. Уметноста на слушањето, според неа, е онаа која секој писател треба да ја поседува. „При пишувањето, претпочитам искуственост, односно, како се вели: ’Put your shoes, and GO!‘. Сакам да разговарам со луѓето, сакам да ми ги раскажат нивните искуства. Им велам: раскажете ми за вашето семејство, за кајчето кое тајно пловело по Охридското езеро од Подградец до Пештани…“
Тргнувајќи од нејзиното име, водата е еден од главните елементи во нејзиниот ракопис, особено во „Кон езерото“, каде Охрид и Преспа ни ги дава на дланка: „Водата е женски елемент, таа е причината за појавувањето на првата религија во човековата историја, и веројатно, предвидувам, дека ќе биде и последната, бидејќи водата е вредна повеќе од златото. За пишувањето на ’Кон езерото‘, тргнав во овие краишта да најдам мир, бидејќи се работеше за родова, семејна приказна. А водата многу ми помогна во таа мисија“.
За разлика од водата, „границата“, според неа, иако е именка од женски род, е повеќе „машки“ елемент, бидејќи „на границите има машки граничари, во пограничните села повеќето се мажи, а жените оттаму најчесто бегаат што подалеку“. Капка не раскажува за главните политички текови и ликовите „виновни“ за тоа, туку за „последиците“ од нивните одлуки врз обичните луѓе: „Ги обожувам маргиналните приказни, оние за аутсајдерите, граничните приказни меѓу минатото, сегашноста и иднината. Затоа многу го сакам македонскиот филм ’Медена земја‘ и приказната за Атиџе во утробата на планините“.
Токму планината е во фокусот на нејзината трета книга „Анима“ од балканската тетралогија, која е следна на менито за објавување на „Или-или“, како и четвртата книга „Еликсир“. Капка Касабова е родена во Софија, израсната во Нов Зеланд, а живее во Шкотска. Пишува на англиски јазик и нејзините дела се преведени на повеќе од 20 јазици. Позната е по уникатниот стил кој ги спојува патописот, мемоарот, историјата и поезијата.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 295, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.8.2025)


