Кандидатката за член на Комисијата за заштита од дискриминација уште неизбрана му се заблагодарила на Изет Меџити
Кандидатката за член на Комисијата за заштита од дискриминација Џехан Ахмед за која реагираше Мрежата за заштита од дискриминација, уште неизбрана на својот фејсбук-профил му се заблагодарила на лидерот Изет Меџити кој ја предводи владејачката „Вреди“, објави Левица. На нејзиниот профил таа не ја крие поддршката за партијата и има фотографии со партиското раководство и архитектот Бајрам Вардари, кој ја поддржа кандидатурата на Меџити за градоначалник на Чаир.
Препорачано
Левица во соопштение до јавноста соопшти дека на утрешната пленарна седница, при гласањето за составот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, ќе гласаат против Ахмед.
-Дополнително брутално исмејување во очите на јавноста е и тоа што кандидатката иако треба да приложи изјава дека не е носител на партиски функции (чија цел е осигурување на непристрасноста), таа уште официјално неизбрана, јавно му се заблагодари за поддршката на лидерот на „Вреди“- Изет Меџити! Со ваквото однесување, уште пред формално да биде избрана, таа самата ја урнисува секоја илузија за независност и непристрасност, и јасно демонстрира дека не доаѓа во Комисијата како заштитник на човековите права, туку како партиски пратеник на коалициските договори меѓу ДПМНЕ и „Вреди“. Ова е класичен пример за институционално заробување – орган кој треба да биде коректив на власта и заштитник на дискриминираните, се претвора во партиска испостава, пополнета со лојални, а не со компетентни кадри. Наместо експерти со докажано искуство, се инсталираат политички послушници без основно познавање на материјата, со што директно се загрозува правната сигурност и заштитата на граѓаните – велат од партијата.
Вчера Мрежата за заштита од дискриминација остро реагираше на кандидатурата на Ахмед, бидејќи не ги исполнувала условите, а нејзиниот настап во Собрание го оценија како скандалозен.


