Кандидат на избори „залепен“ на автобуси на јавно претпријатие е злоупотреба на државни ресурси за кампања, констатираше Антикорупциска

Антикорупциската комисија денеска го изгласа посебниот извештај за финансирањето на изборната кампања за локалните избори. Во резимето за извештајот посочено беше дека само 635 институции доставиле податоци за регистарот на службени возила од вкупно 1.514 институции, што значи дека дури 58 проценти не доставиле податоци. Од увидот во банкарските сметки констатирано е дека од вкупните приходи од 568 милиони денари најголем дел биле од ставката за платено политичко рекламирање, 21 процент биле донации од физички лица а 0,8 проценти донации од фирми.

Државната комисија за спречување корупција денеска ја избра Софија Спасова Медарска за заменик-претседателка на комисијата за периодот од наредните 6 месеци откако истече мандатот на тековниот заменик-претседател. Ротацијата за заменик-претседател се врши според азбучниот ред на презимето.

Во делот на реферирањето предмети посочен беше предмет од страна на членот на ДКСК Зоран Богоевски кој бил формиран по сопствена иницијатива на ДКСК. Констатирано било дека лице именувано за директор на Државниот просветен инспекторат не поднело изјава за имотната состојба поради што платил два платни налога во рок од 8 дена (половина сума).

Во 2025 година Антикорупциска преку мејл примила пријава од познат подносител со наводи дека за време на изборите бил прекршен законот зашто овластено лице во јавно претпријатие користело јавни ресурси – давало автобусите на јавното претпријатие да бидат брендирани со фотографии од кандидат (политичко рекламирање). ДКСК побарала документи од јавното претпријатие и оцени дека автобусите како средства во сопственост на јавното претпријатие се јавни ресурси.

„Со овозможување на политичко рекламирање на автобуси, директорот постапил противзаконски и наводите од пријавата се основани. Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси ќе иницираме постапка до надлежен орган“, гласи одлуката на Антикорупциска која беше едногласно усвоена. 

На седницата имаше и предмет што бил пријавен во Антикорупциска комисија во 2025 година од непознат подносител а во која пишувало дека декан на факултет за биотехнички науки на еден Универзитет, противзаконски постапил кога вработил еден ист наставник во сите звања – говедарство, генетика, домашни животни итн. За ова, како што открија антикорупционерите се води постапка пред Обвинителството и во МВР па тие нема да постапуваат.

Реферирани беа неколку предмети за градоначалници кои не поднеле изјава за имотна состојба ниту пред ниту по заминувањето од функцијата. Сите платиле глоба во рок од 8 дена затоа што не пријавиле со каков имот располагаат.

Антикорупциска денеска испрати еден од своите предмети на постапување кај судскиот совет зашто немаат надлежност да постапуваат по него. Се работи за пријава што им стигнала против апелационен судија од странка во постапката која била незадоволна при постапувањето на судијата кој судел во втор степен, за кривичното дело „измама“.

Пратеник во Собранието куртули од плаќање глоба за судир на интереси иако првично Антикорупциска почнала да го испитува. Имено, синот и ќерката на пратеникот во септември 2025 година формирале Друштво за градежништво, трговија и услуги каде ќерката на пратеникот била сопственичка, а синот управител. Антикорупциска отвори предмет по сопствена иницијатива зашто пратеникот не ја пријавил оваа фирма на децата во својот анкетен лист, ама на крајот по приговорот од пратеникот го поништи прекршочниот записник затоа што констатираше дека пратеникот нема обврска да ја пријавува конкретната фирма бидејќи неговите деца не живеат во исто домаќинство со него туку на друга адреса.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот