Како ЕВН ги преплати нивите во делчевско, купени од лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ

Спорниот купопродажен договор со ЕВН Електрани и Влатко Т. од обезбедувањето на Мицкоски, вмешан во случајот/Фото: Слободен печат

Матна купопродажна зделка на евтини ниви во делчевско, а потоа препродадени за 40 пати повисоки цени на ЕСМ Електрани е под лупа на истражителите. Станува збор за договор склучен една недела пред стартот на кампањата за локалните избори, кога ЕВН Електрани, фирма ќерка на ЕВН Македонија, купила најмалку седум парцели во околината на Делчево, со намера ЕВН на овие парцели да постави фотоволтаични централи за производство на електрична енергија, објави „360 степени“.

Хронологијата на „сомнителната“ купопродажна зделка оди вака: на 1 септември лицата Дарко Т. и Влатко И. седумте ниви ги добиле на подарок и станале сопственици на ова земјиште за суми од 15 до 20 денари за метар квадратен.

Парцелите потоа на 21 септември биле продадени на ЕВН Електрани по цена од околу 800 денари за метар квадратен.

Како што објави „360 степени“ и двајцата продавачи на земјиштето биле поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Дарко Т., бил советник во Општина Делчево од 2013-2017 година од ВМРО-ДПМНЕ, а Влатко И. бил и веројатно се уште е, член на обезбедувањето на Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На купопродажните договори со ЕВН Електрани кои овие лица ги склучиле на ист датум – 21 септември, односно неполна недела пред стартот на кампањата за локалните избори, како управители од ЕВН Електрани се потпишани извесен Мирослав Митровски од Скопје и Игор Гиевски, кој е поранешен советник во Советот на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со случајот Финансиската полиција минатиот четврток, со судски налог изврши претрес во домот на Радослав Јаулески во Скопје, раководител на група за градежни работи и услуги поврзани со нив во Оддел за набавки и материјално работење во ЕВН Македонија АД Скопје. Тој е татко на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески па помладиот случајот го протолкува како притисок пред гласањето за недоверба на владата на Заев во Собранието кое беше закажано за тој ден.

Управата за финансиска полиција во четвртокот соопшти дека во координација со Основното јавно обвинителство Скопје извршила проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица.

Оваа пријава до Финансиската полиција ја поднел вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, по информации добиени од Општина Делчево – дека има малверзации со земјиште на кое ЕВН Електрани треба да гради фотоволтаични централи, пишува порталот.

Бизнис логиката е едноставна – владата нуди премии за електрична енергија добиена од сонце, а еден од условите е електраната да биде на земјиште кое е во сопственост на производителот, пишува „360 степени“, додека СДСМ обвини дека профитот од зделките завршил во ВМРО-ДПМНЕ.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ целиот случајот е „злоупотреба на системот“, а за инволвираните лица, тврдат дека немале информации кои се тие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот