На чија врата утрово затропа Финансиската полиција, пратеникот Јован Јаулески е сосед на своите родители

Документи/ Фото: Слободен печат

Рано утрово Финансиската полиција изврши претрес во станот бр. 17 на улицата “Петар Поп Арсов“ бр.12 во Скопје, на кој по лична карта живее лицето Радослав Јаулески, раководител на група за градежни работи и услуги поврзани со нив во Оддел за набавки и материјално работење во ЕВН Македонија АД Скопје.

Адреса на Р. Јаулески, татко на пратеникот Јован Јаулески/Фото: Слободен печат

Станува збор за таткото на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески, а според соопштението на Финансиската полиција претресот во станот на Јаулески постариот е извршен во рамки на „предистражна постапка која се однесува на вработени лица во ЕВН Електрани Mакедонија ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје“.

Самиот пратеник утрово преку Фејсбук се огласи и претресот го протолкува како „последен обид на власта за заплашување пред денешното гласање недоверба во Собранието“, уредно додавајќи дека станува збор за стан на неговите родители и влегување на Финансиската полиција „со  налог за претрес за истражна постапка за фирмата каде што работи мојот татко“, напиша пратеникот.

Случајот ВМРО-ДПМНЕ се обиде да го исполитизира толкувајќи го како „притисок и полициска бруталност“ врз „дом на пратеник токму денеска кога се гласа недоверба на владата на режимот на Зоран Заев“.

Пратеникот, судејќи според договорот за закуп до кој дојде „Слободен печат“, склучен помеѓу Собранието на РСМ и сопственикот на станот, станува збор  соседен стан на истата адреса во Скопје, ул. Петар Поп Арсов“ број 12, но станот е со број 19, за разлика од станот број. 17 кој денеска со судски налог беше претресуван од истражители на Финансиската полиција.

Договор за закуп на станот во кој живее пратеникот Јаулески/Фото: Слободен печат

Документот за закуп покажува и дека Собранието за изнајмениот стан на пратеникот Јаулески плаќа 330 евра месечна закупнина, а тој дополнително зема и патни трошоци за патување до Струга, дознава „Слободен печат“.

-Управата за финансиска полиција, утрово, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица, соопштија од Финансиската полиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот