Како Бугарија ги извезува своите проблеми во Северна Македонија

epa07751726 Bulgarian Prime Minister Boyko Borissov (R) and his North Macedoni's counterpart Zoran Zaev (C) attend a wreath laying ceremony at the grave of Macedonian revolutionary Goce Delcev (L) in the garden of Orthodox church St. Spas in Skopje, Republic of North Macedonia, 01 August 2019. Bulgarian Prime Minister Boyko Borissov is in North Macedonia for a one-day official visit EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Бугарија на почетокот на 2020 година влезе во длабока политичка криза. Протестите во главниот град Софија и во неколку други градови траат од јули годинава, а причина за нив беше влегувањето на обвинителот во зградата на претседателот на државата и потегот на Христо Иванов, кој заедно со двајца свои истомисленици со спектакуларна акција на брегот на Црното Море со моторен чамец дојдоа до луксузната резиденција на Ахмет Доган, еден од највлијателните луѓе во Бугарија.

Целта беше да се привлече вниманието на јавноста кон незаконски оградениот јавен објект и кон чуварите од државната служба, кои таму беа незаконски ангажирани. Акцијата предизвика масовни протести во Бугарија против корупцијата, олигарсите и владата, анализира ИФИМЕС, Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии од Љубљана.

Бугарскиот претседател, Румен Радев (Независен) ги обвини државните обвинители дека се во спрега со мафијата откако уапсија двајца негови соработници (повереникот на претседателот за борба против корупцијата и советникот за безбедност). Тоа го интензивира конфликтот меѓу премиерот на Бугарија, Бојко Борисов (ГЕРБ – Граѓани за европски развој на Бугарија) и претседателот на државата Румен Радев.

Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Актуелната криза во Бугарија има неколку димензии: политичка, социо-економска, елементи на рецесија, финансиска нестабилност, високо ниво на криминал и корупција, криза на политичкото претставување и непостојниот политички систем, како и институционална неефикасност.

Авторитарниот модел пречка за просперитетот на Бугарија

Во последните 10 години во земјата е воспоставен авторитарен модел на владеење, што го симболизира бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Воспоставен е авторитарен режим на власта, кој е непосредно поврзан и им служи на интересите на тесниот олигархиски круг формиран околу премиерите Бојко Борисов и Ахмед Доган, олигарх и почесен претседател на Движењето за права и слобода (ДПС), партија на бугарските Турци.

Фото: ЕРА

Бугарската економија е неефикасна, финансиските средства се ограничени и во голема мера исцрпени, а создаден е силен слој на олигарси, чии брои изнесува околу 3.000, кои водат клановски борби за распределба на ограничените финансиски средства и за прераспределба на имотите и бизнисите. Неколку супер богати поединци го држат во своите раце деловниот и финансискиот капитал на земјата. Преку нив практично минуваат повеќето јавни тендери и средства од фондовите на ЕУ. Корупцијата е нашироко распространета и се наметна како главна општествена технологија за управување со јавните фондови и со сите јавни сфери. Самите закони создаваат услови за коруптивна пракса.

Борисов помеѓу Меркел и Трамп

Познато е дека Бојко Борисов е „миленик“ на германската канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ). Борисов ужива заштита во политичко-криминалните кругови во рамки на Европската народна партија (ЕПП). Тој има добри односи и со рускиот претседател Владимир Путин и со лидерите на Вишеградската група (В-4). Тој разви одлични односи и соработка и со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган (АКП).

Фото: EPA-EFE/CHRISTIAN HARTMANN

 

На ова треба да се надоврзе и неговото „додворување“ на американскиот претседател Доналд Трамп преку исполнување на неговиот услов воените трошоци на земјите членки на НАТО да мора да изнесуваат најмалку 2 отсто од БДП. Така, Борисов купи осум авиони Ф-16, кои им беа платени однапред во САД по максимална можна цена. Бугарија е најсиромашна земја во ЕУ, а е на прво место според воените трошоци. Во периодот 2018-2019 година, Бугарија ги зголеми трошоците за одбрана за 127 отсто. Дозволи изградба на логистички центар, кој обединува осум воени бази на клучни локации во земјата. Ова дополнително го осиромаши веќе онака ослабениот државен буџет. Договорено е да се изгради Координативен центар на НАТО на бугарскиот црноморски брег.

Бугарија ќе учествува со 20 отсто во финансирањето на изградбата на нов терминал за течен гас во Александрополис во северна Грција, кој ќе служи целосно на американските економски и воени интереси. Терминалот во северна Грција се очекува да започне со работа во 2022 година. Бугарија, исто така, најави учество со 20 милиони евра во инвестицискиот фонд „Иницијатива на три мориња“, која е поддржана од САД.

Исто така, во изградба е и гасоводот Балкански поток, кој е продолжение на Турскиот поток кон земјите од Западен Балкан и Централна Европа. Проектот за изградба на нуклеарната централа Белене со руско учество напредува бавно.

Аналитичарите сметаат дека бугарскиот премиер Бојко Борисов и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ (ДПС) ги користат истите политички манири/трикови кон меѓународната заедница. Борисов на Западот, поточно во Европската народна партија (ЕПП), се претставува како единствен заштитник и бариера против враќањето на комунистите на власт во Бугарија, што е апсолутна невистина, бидејќи комунизмот повеќе не постои, ниту тој системот може да се обновува во сегашните меѓународни околности. Од друга страна, Ѓукановиќ на Западот се претставува како единствен заштитник и бариера против влијанието на Русија во Црна Гора, што не одговара на вистината. Русија, како и Србија, се согласија Црна Гора да прогласи независност во 2006 година. Без таа (премолчена) согласност, тешко дека Црна Гора ќе можеше да стане независна држава. Зад јавно деркларираните политики и постапки на Борисов и Ѓукановиќ и нивната олигархија, во основа се кријат криминал и корупција од огромни размери.

На Бугарија и се заканува демографска катастрофа

Кризните процеси во Бугарија се одвиваат во контекст на сериозна демографска криза. По падот на комунистичкиот режим во 1989 година, Бугарија имаше околу девет милиони жители, а 28 години подоцна има околу седум милиони. Во текот на последните 20 години бројот на жителите на земјата се намали за 25 отсто. Бугарија е меѓу првите земји во светот според стареењето и морталитетот, и меѓу последните според наталитетот. Во рамките на ЕУ, таа има најголема стапка на морталитет. Се проценува дека бројот на жителите до 2050 година ќе се намали за 50 проценти во споредба на 1989 година. Во случај да продолжи лошата економска состојба во Бугарија, а со тоа и миграцијата на населението, се претпоставува дека бројот на жители во оваа земја може да падне на 5,2 милиони до 2050 година. Над 1,2 милиони Бугари трајно се отселија во Западна Европа и Северна Америка. Други 500.000 таму бараат сезонска работа.

Аналитичарите сметаат дека Бугарија нема вистински одговор на демографската катастрофа, бидејќи бугарските власти поголемо внимание посветуваат на криминалните и коруптивни активности, односно на злоупотребата на јавни средства преку јавни тендери и други форми на користење јавни средства, отколку на наталитетот. Бугарија останува без својата квалификувана работна сила до тој степен што не е во можност да создаде високотехнолошка и ефикасна модерна економија.

Крај на демократијата по доаѓањето на Борисов

Од 2009 година, со Бугарија исклучиво управува премиерот Борисов, кој успеа да ги деперсионализира законодавната, извршната и судската власт. Во моментов единствена институција што не е под негова контрола е претседателската. Се тврди, дека претседателот Румен Радев е водечки противник на режимот, иако неговите уставни овластувања се мали.

 

Иако не е недвосмислено прифатен во ЕУ, Борисов и натаму ужива поддршка од важни фактори во Европската народна партија (ЕПП) и иако премолчено, лично и од германската канцеларка Ангела Меркел. И самиот Борисов отворено изјави дека неговата партија е создадена со финансиска и советодавна поддршка на германските десничарски фондации.

За досегашните избори во Бугарија постојат сериозни показатели за изборни измами, масовно купување гласови, присилување на гласање на вработени во државните претпријатија, менување на протоколите за гласање, прогласување на гласачки ливчиња за неважечки итн.

Во последниве години речиси и да нема јавна дебата при носењето на законодавството, а голем дел од законите отворено ги подготвуваа лобисти.

Во воспоставениот систем на управување доаѓа до силна деградација на владините и државните институции, како и на политичките стандарди и европските вредности. Повеќето одлуки се носат под притисок, додека многу закони се контроверзни.

Во Бугарија е просутна огромна и се поголема нееднаквост. Приходите на значителен дел од населението се ислучитечно ниски. Има сериозни проблеми во правосудството и во главните јавни сфери, како што се здравството и образованието, кои доведоа до ерозија на довербата не само во владејачката политичка коалиција, туку и во сите главни политички актери во земјата. Таквите процеси дополнително ги влоши пандемијата на Ковид-19.

Арогантен однос на бугарската Влада кон протестите на граѓаните

Протести се организираат во Софија, а во помала мерка се одржуваат и во други поголеми градови на земјата, како Пловдив, Варна, Русе, Бургас. Демонстрантите бараат оставка од премиерот Борисов и Владата. Покрај ова, другите барања вклучуваат и оставка на главниот јавен обвинител Иван Гешев, за кого се смета дека е под дирекна контрола на премиерот, на група политичари, олигарсите и медиумски магнати (Ахмед Доган и Дељан Пеевски) и нивниот репресивен апарат, кој се спротивставува на сите што се спротивставуваат на нивната моќ.

Арогантната тактика на бугарската Влада е купување време според моделот на „мирен соживот меѓу властите и демонстрантите“ – демонстрантите можат да протестираат мирно и колку што сакаат, властите нема да подлегнат на притисокот, нема да поднесат оставка и ќе продолжат да работат за доброто на Бугарија, како што наводно работат цело време.

Премиерот Борисов по секоја цена сака да спречи формирање преодна влада, што ја планира претседателот Румен Радев. Официјалното објаснување е дека во време на криза, на државата и е потреба активен Парламент. Но, стравот од преодна влада произлегува од фактот што Борисов не сака некој друг да ги организира следните парламентарни избори. Неговиот мандат истекува во март 2021 година, кога, ако се уште биде на власт, ќе организира избори на кои се очекува да победи, со оглед на изградената и проверена технологија за манипулации и изборни измами.

Софија, Бугарија / 02 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

За да избегне оставка, привремена влада и предвремени избори, Борисов ја искористи идејата за потребата од свикување на Големото национално собрание за промена на Уставот и за „рестартирање на политичкиот систем“. Доколку успее во таквата намера, тоа ќе и овозможи на неговата Влада уште најмалку една година владеење со надеж дека протестите ќе бидат сузбиени. Барем засега тоа се чини невозможно,.

Аналитичарите сметаат дека сегашната бугарска Влада на премиерот Бојко Борисов е истрошена и компромитирана и не е во состојба да спроведува сериозни реформи и промени со цел одржување на стабилноста и мирот во земјата. Ако ЕУ продолжи да го игнорира однесувањето на бугарската влада и Борисов, тоа целосно ќе го деморализира бугарското општество.

Не постои платформа и стратегија за излез од сегашната криза

На протестите доминира барањето Бугарија да стане нормална европска држава, да се воспостави демократија и да се запре грабежот, криминалот и корупцијата. Главен слоган на протестите е „Мафија аут“ („Mafia Out“), што само по себе ја покажува определбата на демонстрантите и нивниот главен фокус. Главно политичко барање е оставка на Владата, именување преодна влада од страна на претседателот на државата и одржување на транспарентни, фер и чесни избори.

Софија, Бугарија / 02 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Протестите немаат единствен, ниту јасен политички профил. Најголемата опозициска партија БСП (Бугарската социјалистичка партија) ги поддржува протестите, но таа не учествува во нивното организирање.

Политиката што ја спроведува владата е крајно популистичка и има за цел да ги ублажи тензиите меѓу населението, но не може да ги реши основните противречности помеѓу економските интереси на водечките бизнис елити. Самото население, вклучително и социјалните групи кои имаат одредени придобивки од неа, ја оценуваат ваквата политика како обид да се спаси Владата и да преживее со парите на даночните обврзници. Уште повеќе, во услови на намалени приходи во буџетот, Владата ги троши фискалните резерви за овие цели и зема нови кредити од странство. Се проценува дека ова може да доведе до состојба што ќе влијае врз стабилноста на Бугарија.

Аналитичарите сметаат дека има две реални сценарија за развој на настаните во Бугарија. Првото е повлекување на премиерот, но владејачката ГЕРБ би ја задржала водечката позиција и во новата експертска влада на широка коалиција избрана од сегашниот Парламент или во слична влада што би била формирана по предвремените парламентарни избори. Борисов покажува подготвеност за вакво сценарио. Во моментов се зголемуваат конфронтациите во самата владејачка партија ГЕРБ, во која постојат неколку различни центри на моќ. Токму овие процеси ќе бидат најпрецизен индикатор за тоа во кој правец ќе се одивива политичката состојба. Второто сценарио е дека ќе дојде до ескалација на протестите, но тие не се на такво ниво и со таква моќ за да доведат до драстични промени. На протестите, исто така, им недостига јасна политичка акција во тој правец.

Софија, Бугарија / 02 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Се верува дека во земјата се уште не постојат јасно идентификувани политички концепти, платформи и стратегии за надминување на сегашната состојба/криза во општеството и за управување со земјата. Се очекува од протестите да произвлезе нов политички лидер, како што се случи во многу други земји.

 

Наспроти тврдењата за значително надворешно влијание врз кризата, засега нема јасни потези од главните геополитички фактори (САД, ЕУ, Русија, Турција) во корист на некоја од спротивставените страни. Ова би можело да се објасни со фактот дека не постои јасна политичка алтернатива на сегашната Влада. Од друга страна, сите немаат причини да биде незадоволни од Борисов.

Аналитичарите сметаат дека Бојко Борисов се обидува да го одложи решавањето на политичката криза до претседателските избори во САД. Борисов и неговите советници очекуваат Доналд Трамп да освои втор мандат, со надеж дека така геополитиката ќе се сврти во нивна полза. Иако е на власт повеќе од 10 години, очигледно не научи дека САД не се еден човек, туку цел систем на стратешки американски државни интереси, кој не се менува преку ноќ. Затоа, веројатно тоа само ќе остане надеж на Борисов, но ќе значи и крај на неговата ера, што ќе доведе до радикални политички промени во земјата

Бугарија ги извезува своите проблеми во Северна Македонија

Бугарските граѓани се надеваа на поголема еднаквост и просперитет, но добија многу поголема нееднаквости во однос на социјалниот статус и приходите, како и во однос на уставно загарантираните права, како што се бесплатно образование, здравствена заштита и пензиско осигурување. Дојде до уривање на илузиите и надежите, кои ја одржуваа нацијата заедно и во исчекување.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во такви околности, властите одлучија своите бројни домашни политички проблеми да ги извезат во соседна Северна Македонија. Како причина за тоа наведуваат историски причини и идентитетските прашања.

Иако Република Бугарија и Република Северна Македонија на 2 август 2017 година потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, развојот на настаните не се одвиваше според потпишаниот договор и Бугарија започна своите внатрешно-политички проблеми да ги извезува во Северна Македонија.

Врз основа на Договорот е формирана Мешовита комисија за историски прашања, која има за задача да најде решение за заедничкиот дел од историјата и за заедничка историски личности, кои ги „присвојуваат“ и Македонците и Бугарите.

Таква историска личност е Гоце Делчев, кој е роден во денешна Грција, но во свеста на Македонците претставува национален револуционерен херој, кој ја водел борбата за ослободување од тогашните османлиски власти. И Македонците и Бугарите го сметаат за свој национален херој. Кон ова треба да се придодаде и честото бугарско оспорување на идентитетот на Македонците како народ и доведување во прашање на постоењето на македонскиот јазик.

Фото: МИА

Бугарија неодамна до членките на ЕУ достави меморандум официјално насловен „Меморандум што го објаснува односот меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на процесот на проширување и стабилизација“, со кој се бара од ЕУ да го вклучи Договорот за добрососедство во рамката за преговори со Северна Македонија. Бугарија исто така ги оспорува македонскиот јазик и националниот идентитет.

Со меморандумот испратен во Брисел, Бугарија сака да го блокира одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ, односно да го одложи почетокот на преговорите со ЕУ.

Аналитичарите сметаат дека Бугарија со вакви потези ги извезува своите внатрешни проблеми во Северна Македонија, но во исто време однесувањето на Бугарија претставува еден вид тест за самата ЕУ, дали ќе дозволи билатералните прашања меѓу државите да бидат наметнувани како клучни за преговарачкиот процес.

Од историјата се познати бројни примери на „присвојување“ на одредени историски личности. Можеби најилустративниот пример за споредба на споровите околу историските личности, националниот идентитет и јазикот се Србите и Црногорците, два доминантно православни народи, исто како што се Бугарите и Македонците.

Неспорно е дека постои поголема етничка блискост меѓу Србите и Црногорците и дека тие не си ја оспоруваат етничката припадност и националниот идентитет – барем не официјално. Историската личност Петар Втори Петровиќ Њeгош е средновековен владетел и црногорски владика, кој митолошки е присутен и во свеста на Црногорците и на Србите. Некои го сметаат за Црногорец, други за Србин, а некои и за двете. Кога станува збор за српскиот и црногорскиот јазик, јазичната блискост е далеку поголема од блискоста меѓу бугарскиот и македонскиот јазик и никој не го става во прашање или не го оспорува тоа.

Постојат бројни примери на „присвојување“ на историски личности. Така, некои го сметаат светски познатиот научник Никола Тесла за Србин, други за Хрват, додека дури има и теории оти тој е Влав од Украина.

Аналитичарите сметаат дека ЕУ и САД мора да го запрат бугарското „изживување“ над Северна Македонија и Македонците како народ со сопствен македонски идентитет и јазик, бидејќи секоја ескалација на тензиите може да доведе до конфликти и нови кризи, што не му се потребни на никого на Балканот и на ЕУ, освен на оние политики и политичари, кои сметаат дека можат да опстанат или да дојдат на власт преку конфронтации и предизвикување кризи. Бугарскиот меморандум упатен до ЕУ мора да стане бесмислен, бидејќи е незамисливо во 21 век државата Бугарија, која е полноправна членка на ЕУ и НАТО, да го оспорува идентитетот и јазикот на соседниот народ – Македонците.

Аналитичарите потсетуваат дека Бугарија и Романија станаа членки на ЕУ иако не ги исполнија потребните услови и критериуми за членство. Бугарија и Романија станаа членки на ЕУ благодарение на интервенцијата на САД, кои традиционално имаат големо влијание врз Европската народна партија (ЕПП), најсилната политичка партија во Европскиот парламент. Со запирање на ваквото однесување на Бугарија би се спречиле можни идни опструкции од страна на други земји кон државите кандидати за членство во ЕУ. Бугарија стана членка на ЕУ во 2007 година само благодарение на компромис, па и натаму е под стандардите на ЕУ.

(Извор: ИФИМЕС, Љубљана)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот