Како Америка да ги одбрани и „џорданките“ и демократијата

Фото: Профимедиа

Во очекување на продолжувањето запрените трговски преговори, овие денови се отвори нов фронт меѓу Кина и САД. Не е само американската НБА-лига која го навлече бесот на Пекинг поради тоа што еден од нивните челници даде поддршка за протестите во Хонгконг.

Државниот „Народен весник“, кој се смета за гласило на власта во Кина, ја обвини компанијата „Ејпл“ дека е соучесник во демонстрациите во Хонгконг и дека фактички помага во насилството, поради тоа што дозволиле на „ајфоните“ да се користи апликација која на учесниците на протестите им олеснува да ја избегнат полицијата, објави српска „Политика“.

„Форбс“ пишува дека американската компанија првенствено двапати одбивала да ја постави оваа апликација на својата онлајн-продавница, но на крајот попуштила, веројатно поради негодувањето на корисниците на социјалните мрежи. „Ејпл“ оделе по тенка линија: да не го загрозат пазарот од кој годишно заработуваат 50 милијарди долари и да не влезат во конфликт со борците за демократски вредности.

Сличен проблем има и американската професионална кошаркарска лига. Поради објавата на Твитер на директорот на Хујстон рокетс, спонзорите раскинуваат милионски договори. Кинеската државна телевизија ги откажа преносите на натпреварите во претсезонскиот период, а незвесен е и договорот на НБА-лигата со кинескиот гигант „Терцент“ во вредност од 1,5 милијадри долари за преноси преку интернет.

Ситуацијата ќе се одрази и на произведувачите на спортска опрема кои со ѕвездите во НБА-лигата имаат астрономски рекламни договори и стравуваат од бојкот на патиките познати како „џорданки“. На компанијата „Најк“ акциите пред два дена паднаа за цели три отсто.

Во кинеската интернет сфера се појави негодување и поради рекламите на компанијата „Тифани“, кои наликувале на сожалување за демонстрантка која неодамна го загубила окото на протестите во Хонгконг. Рекламата експресно е повлечена од емитување.

Новите тензии покажуваат колку многу различни сектори на американската економија зависат од Кина. Во коментарите на американските медиуми преовладува оцената дека сѐ помоќната Кина ја користи потрошувачката сила од речиси милијарда и пол луѓе да ги задуши критиките кои доаѓаат надвор од нивните граници, како што досега правела на „домашен терен“.

Сечилото на критиките истовремено е насочено и кон американските корпорации од кои се очекува да ја бранат слободата на говорот и останатите либерални врености, а не да ги задоволуваат недемократските режими. „Вашингтон пост“ истакнува дека, наместо очекуваната либерализација на кинеската политика и општество по отворањето на пазарот за западните фирми, најновите настани покажуваат дека постои „корозивно влијание на Кина врз западните норми“.

Ако Кина сега толку лесно ги „превоспитува“ западните фирми, што ќе се случува за две или три децении, кога побогатиот кинески потрошувач многу повеќе ќе влијае врз глобалната економија, се прашуваат експертите.

Долг е списокот на оние кои се извинуваа поради тоа што на своите веб-стајтови истакнаа дека Тајван, Макао или Хонгконг се независни држави. Германскиот автомото гигант „Мерцедес“ искажа каење поради тоа што во својата реклама искористи цитат на Далај Лама, бидејќи тој за Пекинг е агитатор за независност на Тибет.

Аналитичарите велат дека нападите кон популарната светска кошаркарска лига е начин за Пекинг да испрати порака кон што поширог круг на луѓе, во момент додека поддршката за протестите во Хонгконг се засилува, особено на социјалните мрежи и кај западните медиуми.

Додека експертите ги критикуваат компаниите дека поради големите заработки и профити се подготвени да ги „предадат“ американските вредности, Холивуд веќе со години мака мачи да ги задоволи кинеските барања за цензурирање. Кина е најголемиот пазар по американскиот по заработка, и минатата година холивудските студија во оваа земја заработија две милијарди долари.

Американски кошаркари во вторникот стигнаа во Пекинг, каде играат Лос Анџелес лејкерс и Бруклин нетс и некои веќе подадоа рака за смирување со домаќините, велејќи дека им е жал за целата ситуација и дека многу сакаат да играат во Кина.

Сите чекаат на изјавата на еден од најдоминантните кошаркари на денешницата, Леброн Џејмс, кој досега не се воздржуваше со критиките за друштвено-политичките теми (го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, зборуваше против расизмот и полициската бруталност). Тој потпиша доживотен договор за да ја рекламира компанијата „Најк“, наводно вреден една милијарда долари и оттогаш со таа компанија вкупно 12 пати патуваше во Кина. Според „Волстрит журнал“, приходот на „Најк“ во Кина од почетокот на 2019 година изнесува вкупно 6,2 милијарди долари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот