Кајли Миног првпат проговори за втората дијагноза на рак
Кајли Миног откри дека на почетокот на 2021 година по вторпат ѝ бил дијагностициран рак, по нејзината прва дијагноза и успешно лекување од рак на дојка во 2005 година, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
Поп-ѕвездата зборува за досега необјавената дијагноза во новиот документарен филм на Нетфликс со наслов „Кајли“, кој е достапен од денес.
„Мојата втора дијагноза на рак беше на почетокот на 2021 година. Успеав тоа да го задржам за себе… Не како првиот пат“, изјави таа, потсетувајќи на нејзиното прво лекување кое во тоа време беше силно медиумски експонирано. За среќа, повторно го надминав тоа. И сега сè е во ред. Кој знае што носи иднината, но поп-музиката ме одржува… Мојата страст кон музиката е поголема од кога било.“
Миног изјави дека по лекувањето тешко успевала „да го најде вистинскиот момент“ јавно да зборува за болеста, дури и по огромниот успех на нејзината песна „Padam Padam“, која во 2023 година ѝ донесе и награда „Греми“.
„Не чувствував обврска да му кажам на светот, а искрено не можев ниту во тој момент, бидејќи бев само сенка од личност. Во еден период не сакав ни да излегувам од дома. ‘Padam Padam’ ми отвори многу врати, но длабоко во себе знаев дека ракот не беше само краток период во мојот живот. Сакав конечно да кажам што се случи за да можам да го оставам зад себе. На секое интервју си велев: ‘Сега е моментот’, но повторно молчев.“
Таа откри дека нејзината песна „Story“ од албумот „Tension“ се однесува токму на тој тежок период од нејзиниот живот. Во песната се појавуваат стихови како: „Имав тајна што ја чував само за себе… Сврти нова страница, душо, излези на сцената.“
Миног за песната изјави: „Ми требаше нешто што ќе го обележи тој период.“
Во промотивните материјали поврзани со документарецот, таа нагласи дека „одлуката да ја сподели оваа информација е целосно нејзина“, додавајќи дека болеста била откриена при рутински преглед.
„Ќе има некој што ќе има корист од ова нежно потсетување да оди на редовни прегледи… Раното откривање многу помогна и бескрајно сум благодарна што денес можам да кажам дека сум добро.“
Миног, која денес има 57 години, имала 36 години кога во мај 2005 година ѝ бил дијагностициран рак на дојка. Поради лекувањето таа ја откажа преостанатата турнеја „Шоугрл“, како и настапот на главната сцена на фестивалот „Гластонбери“, за да започне терапија во Мелбурн.


