Преполни контејнери во Аеродром / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Кафеанџиите си тераат по свое, ниеден не побарал посебен контејнер за своето ѓубре

Скопјани постојано реагираат дека контејнерите се прелеваат од картонски амбалажи од маркетите и дуќаните и со храна и ѓубре од кафеаните. Тие бараат да се воведе вистинска контрола и казни и за нив, а не само за граѓаните.

За три месеци откако Град Скопје воведе забрана за фрлање ѓубре ноќе, поточно во периодот од 22 часот навечер до 6 наутро, ниту еден угостителски објект не побарал од „Комунална хигиена“ да му се обезбеди посебен контејнер за отпад, со што би добил и дозвола во него да го смести отпадот по затворање на кафеаната.

Тоа значи дека кафеанџиите и понатаму си тераат по свое и ги полнат контејнерите наменети за комунален отпад од домаќинствата. Дали тоа го прават по завршувањето на работното време, значи на полноќ или по еден часот по полноќ за време на викендите или, пак, го чуваат ѓубрето додека не се раздени – не се знае. Таква информација во јавноста досега нема од Град Скопје, ниту, пак, известување дали некој од нив е казнет поради несоодветно постапување со отпад.

Откако Град Скопје ја донесе ваквата одлука, оттаму соопштија дека забраната за фрлање отпад во ноќните часови важи еднакво за сите, и за граѓаните и за правните субјекти. Целта беше да се воспостави ред и да се спречи создавањето диви депонии и преполнети контејнери преку ноќ, што со години наназад беше еден од проблемите со кој се соочува градот.

 Во однос на угостителските објекти, и тие се опфатени со забраната, освен во случаи кога имаат склучено посебен договор со ЈП „Комунална хигиена“ и располагаат со сопствени контејнери. Во тие случаи важат правилата утврдени во нивниот договор, во согласност со динамиката и условите што се договорени однапред – информираа тогаш од Градот.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Притоа се пофалија дека располагаат со вкупно 40 инспектори, од кои 11 се комунални инспектори и 10 комунални редари, кои се задолжени за контрола и спроведување на јавниот ред и чистота. Како што посочија инспекторите и редарите имаат законско право да изрекуваат казни.

Крајната цел на оваа одлука е воведување ред, намалување на ноќниот метеж со отпад и елиминирање на практиките што со години го правеа градот нечист. Чист и уреден град не се добива сам од себе туку со ред, дисциплина и јасни правила што важат за сите – посочија од Градот за „Слободен печат“.

Новата градска власт смисли „решение“ за ѓубрето – скопјани ноќе да си го чуваат дома

Но, по сè изгледа, „јасните правила“ за дисциплина што ги постави Град Скопје не ги почитуваат сите, ниту, пак, ги засегаат евентуалните казни. Како поинаку да се протолкува фактот дека ниеден од угостителите, ниту некој од маркетите, оттогаш до сега не побарал контејнер за ѓубрето од кафеаните и од рестораните.

ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во посочениот период нема потпишано нови договори со угостителски објекти и маркети што изнајмуваат посебни контејнери за одлагање на отпадот. Би сакале да нагласиме дека на 19.11.2025 година, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје оствари работна средба со претставниците на угостителските објекти во градот Скопје, во чиишто рамки в.д. директорот на претпријатието Драги Митковски им укажа дека контејнерите поставени на јавни површини се наменети исклучиво за одлагање мешан комунален отпад од домаќинствата во колективните домувања. Од овие причини е потребно секој угостителски објект да потпише договор според кој својот отпад ќе го одлага во посебен сад, а не во контејнерите поставени на јавни површини – објаснуваат од јавното претпријатие.

Набрзо по одржувањето на средбата, како што велат, на претставниците на угостителските објекти од „Комунална хигиена“ им бил доставен нов Правилник и Ценовник за собирање и транспорт на комуналниот отпад, но до денес претпријатието нема добиено барање за потпишување нов договор со некој од овие субјекти.

Контејнери за отпад во маркет/Фото: Слободен печат-Драган Митрески

На прашањето дали некој има контрола каде фрлаат отпад оние што немаат посебни контејнери и дали се изрекуваат казни, од претпријатието велат дека тие немаат такви ингеренции.

 Како што сте веќе запознаени, ЈП „Комунална хигиена“ нема ингеренции да ги казнува лицата и правните субјекти што се затекнати при непрописно одлагање отпад. Во претпријатието функционира Еко-патрола што има обврска на овие лица/субјекти да им врачи едукативно-информативен записник за правилно одлагање на отпадот – посочуваат оттаму.

Право да казнуваат имаат градските комунални инспектори и редари. Последната информација поврзана со ова, која вели дека се казнети повеќе од 60 граѓани во Скопје затоа што фрлале ѓубре по 22 часот, е од крајот на јануари. Очекуваме Град Скопје да одговори на прашањето на „Слободен печат“ колку угостители, но и колку маркети се казнети.

Во меѓувреме скопјани постојано реагираат дека контејнерите се прелеваат од картонски амбалажи од маркетите и од дуќаните и со храна и ѓубре од кафеаните. Тие бараат да се воведе вистинска контрола и казни и за нив, а не само за граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот