Ѓубре за време на локални избори 22,10,2025 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Новата градска власт смисли „решение“ за ѓубрето – скопјани ноќе да си го чуваат дома

Казна од 50 евра е предвидена за сите што ќе фрлаат ѓубре во контејнерите од 22 часот до 6 наутро

Во една од првите одлуки на новиот состав на Советот на Град Скопје, денеска е усвоена одлуката со која се воведува забрана за фрлање ѓубре во контејнерите која ќе важи ноќе – од 22 часот до 6 наутро. За прекршителите на забраната, предвидена е казна од 50 евра.

Новата градска власт смета дека оваа мерка ќе помогне контејнерите да се празнат поефикасно и ќе спречи создавање нови депонии, особено во деловите од градот каде отпадот често се натрупува околу кантите.

– Ваквата практика јас сум ја сретнал во Истанбул и беше ограничена на 15 минути пред 5 часот кога смеете да фрлите ѓубре. Во Токио, исто така, има точно определено време за секој камион и вид отпад. Се надевам дека оваа практика ќе биде уште подобра кога ќе бидат воведени и различни корпи за селекција – изјави претседателот на Советот, Даме Димитровски.

Од Градот објаснуваат дека оваа мерка им дава правен основ на инспекторите и комуналните редари да санкционираат физички и правни лица што нема да го почитуваат дозволениот термин за одлагање отпад.

Но, мерката наиде и на силна критика. Советничката на Левица, Катерина Јовановска, ја оцени како скандалозна.

„Не може вината за нефункционалноста на комуналното претпријатие да се префрла врз граѓаните. Ограничувањето кога смеат да фрлаат ѓубре, па уште и со казни, е невиден скандал“, рече Јовановска.

Во сенка на одлуката за фрлањето ѓубре на денешната седница остана усвојувањето на ребалансот на буџетот на Град Скопје, кое помина речиси едногласно, со 37 гласа „за“, еден „против“ и еден „воздржан“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот