Јужна Африка ќе биде на тест со хашката потерница по Путин: Земјата е обврзана да го уапси ако дојде на самитот на БРИКС

Јужна Африка е законски обврзана да го изврши налогот за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, кој денеска го издаде Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг. Земјата, според она што сега се знае, ќе биде единствената што годинава ќе ја посети рускиот лидер, а која го ратификувала Римскиот статут на МКС, што повлекува обврска да постапи по налогот од Хаг.
Веднаш откако МКС издаде налог за апсење на Путин, експерти и аналитичари почнаа да пребаруваат низ списокот на потенцијални ангажмани на Путин во земјите каде што налогот – барем теоретски – може да се спроведе. Иако патувањата во странство на рускиот претседател се драстично ограничени по руската инвазија на Украина, тој наводно треба да присуствува на самитот на БРИКС во Дурбан, Јужна Африка, кој ќе се одржи во август.
Но, засега е неизвесно дали Путин воопшто ќе оди на самитот, со оглед на тоа што таквиот потег би предизвикал големи дипломатски тешкотии за Јужна Африка – земја која е долгогодишен сојузник на Москва, пишува „Скај њуз“.
Дури и да отпатува на средбата со лидерите на Бразил, Индија, Кина и Јужна Африка, можноста претседателот на земјата-домаќин, Кирил Рамафоса, да им нареди на своите сили да го уапсат Путин е многу мала, анализираат светските медиуми.
Судот во Хаг издаде налог за апсење на Путин, обвинет е за киднапирањето украински деца