Јубилејниот „Земјотрес“ ќе ја врати волјата за живот во „новото нормално“
Врвулици весели и разиграни млади луѓе на сите страни. Три подиуми од кои зрачат најразлични фреквенции на звуци и музички жанрови. Цел спектар на млади музички бендови од целата територија на државата. Сублимирана звучна слика на потентноста на младата музичка сцена во Македонија. Тоа се најважните карактеристики на фестивалот на свежа, домашна и независна музика „Земјотрес“.
Препорачано
Годинава „Земјотрес“ бележи 10 години постоење. Младинскиот културен центар на 19 февруари ќе биде збирно место на 21 музичко име (бенд/автор). Распоредот на три подиуми останува. Можноста да се проследат настапите на најсвежите струења на домашната музичка сцена е врвен приоритет на фестивалот.
Во однос на десетгодишниот јубилеј на „Земјотрес“ со проста математика се добиваат резултати од околу 200 бендови/автори што досега настапиле на фестивалот, а нив ги проследиле околу 20 илјади публика. Пандемијата на ковид-19 во изминативе две години малку го наруши просекот, но новото издание на фестивалот е подготвено да ја надомести штетата.
Со намера да понудат „серум на вистината“ во „новото нормално“ и повторно да вбризгаат волја за живот на музичката сцена на 19 февруари ќе настапат 21 изведувачи: „350терик“, Андреја Салпе Б2Б Галатеја, „Авелина“, „Бејсмент калт“, „Короужн“, „Крул“, „Кат јоур нипл“, „Деменси“, „Кантон 6“, „Луфтханза“, „Мамут“, Марија Каева, Марко Рикаловски, Михало Дојчиновски, Мирко Попов Квартет, „Рум 313“, С.А.М, Секси Марша енд френдс, „Ширшаја“, „Такси конзилиум“ и „Хајка“.
Најголемиот фестивал на свежа, домашна и независна музика на почетокот на оваа година „Земјотрес #10“ ќе се одржи на 19 февруари, со почеток во 19 и ќе трае до 4 часот по полноќ, во Младинскиот културен центар во Скопје.
Организаторите на фестивалот известија дека поради пандемијата, влезниците оваа година се во строго ограничен број (50 проценти од просторните капацитети на МКЦ), а фестивалот ќе се реализира согласно актуелните мерки/протоколи за организирање настани во затворен простор. За влез на „Земјотрес“, покрај валиден билет, ви треба и сертификат/потврда за извршена вакцинација против ковид-19.


