Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

ЈСП демантира дека автобус поради недостиг на гориво оставил патници среде улица

Вчера во јавноста се прошири веста дека во екот на зголемување на цените на горивото, наводно автобус на ЈСП-Скопје на линија 21 прво доцнел на почетната постојка, а потоа не ја довршил предвидената рута поради недостиг на гориво, со што патниците биле оставени сами да се снаоѓаат за превоз. Од јавното сообраќајно претпријатие ги демантираа овие информациикои за кои велат дека се неточни. Како што тврдат, ЈСП-Скопје има активен тендер за набавка на гориво и немаат информации од добавувачот дека постои недостиг на деривати.

„ЈСП Скопје ја информира јавноста во врска со настан кој се споменува во јавноста, во кој се наведува дека „автобуси оставаат граѓани на улица поради немање гориво“. Имено, се наведува дека „извори од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП)“ дале изјава во врска со наводите дека автобуси оставаат граѓани среде улица поради недостиг на гориво. Би сакале да укажеме дека Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје има над 1200 вработени, но наведениот став не е даден од страна на официјално овластено лице за односи со јавност, ниту од раководството на претпријатието. Воедно, нагласуваме дека во моментов нема потврдени случаи на автобуси на ЈСП да оставаат патници поради недостиг на гориво, ниту пак претпријатието се соочува со проблем од ваков вид. ЈСП – Скопје има активен тендер за набавка на гориво и во моментов немаме најава од добавувачот за евентуален недостиг на деривати. Дополнително, се водиме согласно информациите кои на дневно ниво ги добиваме од надлежните институции дека во државата има доволно резерви на сите видови гориво“ – се вели во демантот на претпријатието.

Оттаму посочија дека не е потребно да се создава паника во јавноста дека јавниот транспорт се соочува со ваков проблем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот